среда, 22 април 2026

НАСА го претстави новиот вселенски телескоп Роман за создавање Атлас на универзумот

Американската вселенска агенција НАСА го претстави својот нов вселенски телескоп Роман, дизајниран да скенира огромни делови од универзумот во потрага по егзопланети и да одговори на големите мистерии на физиката на темната материја и темната енергија, објавија денес агенциите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој телескоп од следната генерација „ќе ѝ даде на Земјата нов Атлас на универзумот“, изјави администраторот на НАСА Џаред Ајзаккмен, од Центарот за вселенски летови Годард во Мериленд на вселенската агенција, каде што неодамна беше составен.

Висок повеќе од 12 метри, сребрениот инструмент, опремен со огромни соларни панели, сега ќе биде транспортиран во американската држава Флорида, од каде што ќе биде лансиран во вселената во септември со ракета на Спејсекс.

Развиен пред повеќе од една деценија и вреден околу четири милијарди долари, телескопот е именуван во чест на една од најголемите американски астрономи, Ненси Грејс Роман, која го доби прекарот „мајка на Хабл“, по уште еден од водечките телескопи на НАСА.

Повеќе од 35 години по лансирањето на Хабл, кој откри дека универзумот се шири побрзо отколку што мислевме, вселенскиот телескоп Роман ќе биде задолжен да одговори на преостанатите прашања.

Со своето широко видно поле, повеќе од 100 пати поголемо од она на Хабл, тој ќе ги истражува огромните области на небото од точка оддалечена 1,5 милиони километри од Земјата.

Експертите велат дека Роман ќе испраќа 11 терабајти податоци дневно, што значи дека ќе обезбеди повеќе податоци само во првата година отколку што вселенскиот телескоп Хабл собрал во целиот свој животен век.

Сите овие информации ќе ѝ овозможат на НАСА да идентификува области кои потоа можат да се анализираат со дополнителни телескопи како што е познатиот вселенски телескоп Џејмс Веб.

Роман има за цел и да го проучува невидливото – темната материја и темната енергија, чие потекло е непознато, но се смета дека сочинуваат 95 отсто од универзумот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ