вторник, 9 јуни 2026

Тајм аут објави: Пет најдобри гастрономски престолнини за 2026 година

Лима е прогласена за најдобар град во светот за храна во 2026 година според новата листа на списанието „Тајм аут“, која е составена врз основа на мислењата на 24.000 жители од 150 градови низ целиот свет. На листата се најдоа и Бангкок, Мексико Сити, Лондон и Барселона, додека Њујорк е најдобро рангиран американски град.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Кога планирате патување, сè се сведува на она што го нуди градот. Некои посетители одвојуваат цел ден за истражување на историски локалитети или планинарење до места со спектакуларен поглед, пренесува Си-ен-ен.

Но, други имаат само едно на ум – храна. Запознавањето на градот преку неговата храна ви овозможува буквално да го вкусите. А одлуката каде да патувате за да ги задоволите вашите гастрономски желби оваа година само што стана полесна. Порталот „Тајм аут“ објави ранг-листа на најдобрите градови во светот за храна.

На прво место се најде Лима во Перу. Овој крајбрежен град, кој се смета за гастрономска престолнина на Латинска Америка, е познат по специјалитетите од морска храна.

За оние кои сакаат добро да јадат, а притоа да не потрошат многу пари, Лима е оценета и како најповолен град за јадење во ресторани меѓу 20 градови на листата.

За да добие појасна слика за омилените градови на гурманите, „Тајм аут“ спроведе анкета меѓу 24.000 жители во 150 градови низ целиот свет. Испитаниците го оценија квалитетот на рестораните и храната, прифатливоста на цените и гастрономската култура на градот. Уредниците на „Тајм аут“ и експертите за храна ги анализираа резултатите и го вклучија само највисоко рангираниот град од секоја земја.

На второ место, втора година по ред, е Бангкок во Тајланд, кој според „Тајм аут“ нуди „ненадмината култура на улична храна“. Гастрономската авантура на градот се состои од слатки, зачинети, кисели и солени вкусови на познати јадења кои честопати чинат помалку од пет долари.

Мексико Сити го зазеде третото место благодарение на разновидната гастрономска сцена која вклучува и ресторани со Мишелин ѕвезди и локални пазари со улична храна.

На четвртото место е Лондон, кој се смета за еден од градовите со најразновидна гастрономска понуда во светот. Тука можете да ги најдете речиси сите кујни од светот на едно место. Лондон доби највисоки оценки меѓу локалното население за квалитетот на своите ресторани.

Меѓу првите пет се наоѓа и Барселона во Шпанија, чија гастрономска сцена е силно обликувана од нејзината медитеранска историја. „Тајм аут“ посебно ги истакнува локалните пазари и каталонските традиции што го прават овој град еден од најдобрите за гурманите.

Најдобро рангираниот град од Соединетите Американски Држави се наоѓа на 15-то место – Њујорк. „Тајм аут“ ја истакнува врската помеѓу гастрономската сцена на Њујорк и неговата богата историја на имиграција. Благодарение на разновидните кујни што ги донесоа имигрантите од целиот свет, градот е познат по некои од најдобрите пици, ѓевреци, пастрами и многу други специјалитети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ