недела, 7 јуни 2026
Јове Кекеновски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Реконструкција без ресет: тест за политичката зрелост на Владатa

Десет клучни точки за политички зрела и ефикасна реконструкција.

Секоја реконструкција на Владата отвора две клучни прашања: дали промените ќе донесат подобри резултати и дали ќе се зачува континуитетот на започнатите политики и реформи. Во политиката често постои искушение секоја кадровска промена да се претстави како нов почеток, но државата не смее да функционира по принципот на постојан „ресет“. Особено не кога станува збор за коалициска влада која има стабилно парламентарно мнозинство, јасна политичка агенда и веќе започнати процеси што даваат резултати.

Токму затоа, секој премиер кој размислува за промени во министерскиот состав мора да покаже политичка зрелост, внимателно балансирајќи меѓу коалициските односи, постигнатите резултати и потребата од институционална стабилност.

Кога една коалиција функционира и испорачува позитивни резултати, премиерот при евентуални смени или ротации на министрите мора да води сметка за неколку клучни аспекти:

  1. Зачувување на коалициската стабилност

Реконструкцијата не смее да ја доведе во прашање функционалноста на владината коалиција и стабилноста на парламентарното мнозинство. Нејзината цел треба да биде зајакнување на капацитетот на Владата, а не отворање нови политички кризи или неизвесности. Во услови на сериозни државни и реформски предизвици, политичката стабилност останува една од најважните претпоставки за успешно владеење.

  1. Почитување на коалицискиот договор

Распределбата на ресорите е резултат на политички договор и меѓусебно прифатени обврски. Затоа секоја промена мора да биде предмет на консултации и согласност меѓу партнерите. Притоа, и премиерот и коалициските партнери треба да покажат политичка зрелост и чувство за мерка. Реконструкцијата не смее да се претвори во процес на поставување максималистички барања или во борба за дополнително политичко влијание. Коалициското партнерство подразбира взаемно почитување, компромис и одговорност за заедничкиот успех. Во спротивно, секое непотребно заострување на односите може да создаде простор за политички турбуленции, што најмногу им одговара на оние кои очекуваат слабеење на владиното мнозинство.

  1. Вреднување на постигнатите резултати

Клучен критериум за смена или останување на функција треба да бидат резултатите. Министер кој покажал ефикасност, реализирал проекти и испорачал политики не треба да биде жртва на дневнополитички калкулации.

Премиерот притоа не смее да подлегне на моментални политички, партиски, медиумски или други притисоци кои често се водени од перцепции, шпекулации или поединечни интереси. Одлуките за кадровски промени мора да се темелат на објективна проценка на постигнатите резултати, а не на привремено креирани јавни наративи или кампањи.

  1. Континуитет на започнатите реформи

Особено во чувствителни области како дигитализацијата, правосудството, јавната администрација, инфраструктурата и енергетиката, реформите бараат време, доследност и јасна визија. Честите кадровски промени можат да го забават или прекинат веќе воспоставениот реформски процес.

Во ресорите каде што се постигнати конкретни резултати и е евидентиран напредок, потврден и од Европската Унија и од меѓународните партнери, секоја промена треба внимателно да се процени. Реконструкцијата треба да значи надградување на успешните политики, а не нивно прекинување или започнување од почеток.

  1. Институционална меморија и искуство

Министрите кои веќе ги познаваат состојбите, проблемите и механизмите на функционирање на институциите претставуваат значаен ресурс. Нивната замена носи ризик од губење на акумулираното знаење и искуство, што може негативно да се одрази врз веќе постигнатите резултати.

  1. Избегнување на впечаток за политички пазар

Реконструкцијата не смее да стане заложник на бесконечните кадровски барања и партиски апетити кои по правило никогаш не завршуваат. Јавноста очекува аргументирани одлуки засновани на компетентност и резултати, а не на распределба на функции заради одржување на внатрепартиски рамнотежи.

  1. Одржување на довербата кај граѓаните

Секоја промена мора да биде јасно образложена. Граѓаните треба да разберат дали реконструкцијата има за цел подобрување на работата на Владата или претставува политички компромис.

  1. Сигнал кон меѓународните партнери

Честите и необјаснети смени можат да создадат впечаток на нестабилност и недоволна политичка конзистентност. Меѓународните партнери не ги оценуваат државите според бројот на сменети министри, туку според способноста на институциите да обезбедат континуитет во реформите и исполнување на преземените обврски.

Затоа, зачувувањето на континуитетот во клучните ресори и надградувањето на постигнатите резултати се важни за одржување на кредибилитетот на државата пред меѓународните партнери и инвеститорите.

  1. Баланс меѓу политичката лојалност и професионалноста

Премиерот треба да најде рамнотежа меѓу политичките потреби на коалицијата и потребата институциите да ги водат луѓе со знаење, капацитет и визија. Партиската лојалност е важна, но не смее да биде единствениот критериум за оценување на работата на министрите. Откако ќе станат членови на Владата, тие не се само претставници на своите партии, туку носители на јавна функција кои одговараат за спроведување на владината програма и за резултатите што ги постигнуваат.

Во парламентарниот систем на владеење министрите се дел од единствена извршна власт предводена од премиерот. Затоа не може и не смее да постои практика според која поединечни министри би тврделе дека политички одговараат исклучиво пред лидерите на своите партии, а не пред претседателот на Владата. Таквиот пристап создава паралелни центри на одлучување и ризик од бицефално функционирање на извршната власт, што е спротивно на принципите на ефикасно и одговорно владеење.

Политичките партии имаат право да предлагаат кадровски решенија за ресорите што ги добиле во рамките на коалицискиот договор, но конечната одговорност е кај премиерот. Тој има право и обврска да оцени дали предложените кандидати поседуваат професионален кредибилитет, управувачки капацитет и способност да се вклопат во владината политика. Доколку не ги исполнуваат тие критериуми, нивното именување не треба да биде прифатено, без оглед од која партија доаѓа предлогот.

  1. Реконструкцијата како средство, а не цел

Реконструкцијата секогаш испраќа порака до граѓаните, до институциите, до коалициските партнери и до меѓународната заедница. Затоа таа не смее да се сведе на обична кадровска операција или на голо задоволување на партиски интереси. Добро осмислената реконструкција треба да покаже дека Владата има капацитет да ги корeгира слабостите, но и политичка мудрост да ги препознае, вреднува и зачува резултатите таму каде што тие се видливи. Во спротивно, јавноста може да добие впечаток дека промените се мотивирани од дневнополитички калкулации, а не од потребата за поефикасно владеење и подобри резултати.

Наместо заклучок

Добрата реконструкција не се мери според бројот на сменетите министри, туку според способноста на Владата да испорача подобри резултати без да ги загрози стабилноста, континуитетот и довербата на граѓаните. Политичката зрелост на премиерот не се покажува во тоа колку луѓе ќе замени, туку во тоа колку мудро ќе ги препознае и зачува процесите што веќе даваат резултати.

Во услови кога државата се соочува со сериозни реформски и развојни предизвици, најмалку што ѝ е потребно е институционален „ресет“ и враќање на почетокот. Реконструкцијата треба да биде инструмент за надградување на успешните политики, а не причина тие да бидат прекинати. Особено внимание мора да се посвети на спроведувањето на Реформската агенда и на зачувувањето на институционалниот континуитет во процесите поврзани со европските интеграции. Во повеќе области државата веќе има постигнато видлив напредок и воспоставено административни и стручни тимови кои со месеци работат на исполнување на конкретни обврски и рокови. Затоа не би било рационално реконструкцијата да доведе до замена на луѓето кои ги воделе тие процеси со кадри кои допрва ќе треба да се запознаваат со веќе започнатите обврски и активности. Континуитетот во реформите не е прашање на лични позиции, туку на државен интерес, особено таму каде што резултатите веќе се препознаени и од Европската Унија и од меѓународните партнери. Во спротивно, наместо чекор напред, државата ризикува повторно да се најде во кругот на постојани кадровски експерименти, изгубено време и одложени резултати.

Ова не е текст за поединци, туку за принципи. Не е реакција на тековни шпекулации за реконструкција, туку обид да се постават критериуми според кои јавноста ќе ја оценува не само претстојната, туку и секоја идна реконструкција на Владата.

Јове Кекеновски

КОЛУМНИ

Мухамед Халили

Кој ги „брани“ јазичните права на Албанците во Македонија?

Александра Сабрас Апостолова

Кога сè станува итно: притисокот врз родителите на деца со попреченост

Ристо Цицонков

Климатските промени на меѓународен суд

Даниела Митреска

Важноста на семејството во развојот на детето и современите развојни предизвици

Маалска енциклопедија

Билјана Ванковска

Кога совеста ќе заспие: Дали ја забораваме Газа? Му има ли...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ