Сандански е претставен како маркантна фигура на македонското ослободително движење за кого луѓето во Македонија говореле со голема гордост, бидејќи го правел најдоброто за нив, бранејќи ги и заштитувајќи ги од мешање однадвор. Поради тоа, тој бил „голем херој и необично чесен водач“, односно „a great hero and scrupulously honest leader“.
Во однос на неговата политичка определба, за него, пишувале како за федералист, а идеолошки го вбројувале во „групата на анархистите и социјалистите“. За смртта на Јане известувал и британски „Тајмс“, а речиси во исто време во Лондон пристигнал и извештајот на британскиот дипломатски претставник од Софија, претставувајќи го Сандански како „познат поранешен револуционерен водач“ и определувајќи го местото на убиството во соседство на Неврокоп.
Во оригиналот стои: „…notorious ex revolutionary leader“. Кон овој извештај бил додаден и коментар од страна на администрацијата на Министерството за надворешни работи, дека ако тврдењето за убиството на Сандански било вистинито, тогаш „светот е ослободен од најпознатиот комита“, односно „the world is rid of the most notorious komitadji“.
(Христо Андонов–Полјански, „Неколку британски податоци за Јане Сандански“, Зборник Јане Сандански 1915–1975, ИНИ, Скопје, 1976, 149–150)
МИА






