„Некои политички партии, свесни за поразот на следните парламентарни избори, се обидуваат да го бојкотираат донесувањето на измените на Изборниот законик, односно го бојкотираат процесот земјата да испорача десет од десет индикатори од Реформската агенда.
За нас гласањето на дијаспората е стратешка цел. Дел од политичките партии излегоа со сосема радикализирани позиции. Едната позиција беше да се гласа во рамките на Државната изборна комисија со консензус, нешто што за нас не е прифатливо. Тоа е позиција која некој ја поставува за да нема договор. Второ, политичката партија Левица излезе со барање за повеќе средства за кампањата, односно да има повеќе пари за рекламирање, како и да има една изборна единица. Од СДСМ ги знаете барањата… Нашиот став е јасен. Сакаат повеќе пари? Добро, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. За тоа сме согласни. Согласни сме и да има една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на коалициските партнери на СДСМ. Немаме никаков проблем“, изјави Мицкоски.
Но принципиелно, додаде тој, никој не одлучува со консензус, освен во еднопартиски систем.
„Во демократијата, мнозинството ја носи одлуката. Тоа е суштината на демократијата. Ние не сме консензуална држава, ниту еднопартиски систем, па сите одлуки да се носат со консензус. Тоа е едното. Второ, мораме да најдеме начин. Ние на маса го претставивме и нашиот предлог – да се гласа по пат на пошта, со писма, како што тоа е овозможено во десетици земји-членки на Европската Унија. Значи, подготвени сме да прифатиме, прифаќаме и една изборна единица, како и поголем буџет за оние партии што не се дел од четирите најголеми. Нека има, нека се рекламираат ако сметаат дека тоа им е важно, само да го донесеме Изборниот законик“, рече Мицкоски.






