Овие поединци доследно постигнуваат резултати на тестови за меморија слични на оние кај луѓе кои се најмалку 30 години помлади, доведувајќи го во прашање долгогодишното уверување дека когнитивното опаѓање е неизбежно со возраста.
Во текот на децениите истражување, научниците забележале одредени животни навики и особини на личноста што ги издвојуваат таканаречените „супер-ејџери (супер-старци)“ од нивните врсници, вклучувајќи висока дружељубивост и екстровертност. Сепак, најизненадувачки откритија произлегле од испитувањето на нивните мозоци.
„Она што го пронајдовме во нивните мозоци за нас беше навистина револуционерно“, изјави д-р Сандра Вајнтраб, професорка по психијатрија, бихејвиорални науки и неврологија на Медицинскиот факултет на Северозападниот универзитет.
Со идентификување на биолошките и бихејвиоралните обрасци поврзани со овој феномен, истражувачите се надеваат дека ќе развијат нови пристапи за зајакнување на когнитивната отпорност и намалување на ризикот од Алцхајмерова болест и други облици на деменција.
„Нашите наоди покажуваат дека извонредната меморија во староста не само што е можна, туку е поврзана и со посебен невробиолошки профил. Ова отвора врата за нови интервенции насочени кон зачувување на здравјето на мозокот длабоко во подоцнежните децении од животот“, изјави Вајнтраб.
Отпорни и издржливи мозоци
Терминот „супер-ејџер“ го вовел д-р М. Марсел Месулам, кој го основал Центарот на Месулам за когнитивна неврологија и Алцхајмерова болест на Северозападниот универзитет кон крајот на деведесеттите години.
Од 2000 година, 290 учесници учествувале во програмата, а истражувачите по смртта проучиле 77 донирани мозоци на супер-старци. Некои од овие мозоци покажале присуство на амилоидни и тау-протеини, кои силно се поврзани со Алцхајмеровата болест. Други воопшто не покажувале знаци на овие штетни протеини.
„Сфативме дека постојат два механизми што го прават некого супер-старец“, рече Вајнтрауб. „Првиот е отпорноста: тие воопшто не создаваат тау протеини. Вториот е издржливост: тие ги создаваат, но тие протеини не им го оштетуваат мозокот.“
Клучни откритија за супер-старците
Истражувачите откриле неколку определувачки карактеристики што објаснуваат зошто овие луѓе задржуваат толку силни когнитивни способности:
- Исклучителна меморија: Супер-старците постигнуваат најмалку 9 од 15 на тестовите за одложено потсетување на зборови, што е исто како и луѓето во нивните 50-ти и 60-ти години.
- Младолика структура на мозокот: За разлика од типичните мозоци што стареат, кај нив се забележува мало или воопшто никакво истенчување на кортексот (мозочната кора). Во некои случаи, регијата наречена преден кортекс е дури и подебела отколку кај помлади возрасни лица, што придонесува за донесување одлуки, емоции и мотивација.
- Единствени карактеристики на клетките: Супер-старците имаат поголем број фон Економо неврони, кои се поврзани со социјалното однесување, како и поголеми енторинални неврони што играат клучна улога во меморијата.
- Силни општествени врски: Иако нивните навики за вежбање и животни стилови се разликуваат, повеќето супер-стари се многу друштвени и одржуваат блиски меѓучовечки односи.
Истражувачите се надеваат дека овие наоди ќе ги насочат идните стратегии за заштита на здравјето на мозокот и ќе им помогнат на повеќе луѓе да одржат остро размислување во старост.






