Во рамките на посетата, чиј домаќин беше генералниот директор и претседател на УО, Живко Мукаетов, делегацијата имаше можност да се запознае со деветдецениското постоење и успешно работење на компанијата, финансиските резултати, деловните активности, како и со производствените перформанси и производственото портфолио.
Во фокусот на средбата беа стратешките определби на компанијата, вклучувајќи ги силната извозна ориентација, континуираните капитални инвестиции, проектите за општествена одговорност, како и стратешката посветеност за одржлив раст и за пазарна диференцијација во глобални рамки. Воедно, посебно внимание им беше посветено на можностите за унапредување на соработката меѓу „Алкалоид“ АД Скопје и установите под надлежност на Министерството за здравство на Црна Гора, вклучувајќи ја и ЈЗУ „Апотеке Црна Гора Монтефарм“.

Црна Гора претставува традиционален и значаен пазар за „Алкалоид“, на кој компанијата е континуирано присутна со своето разновидно портфолио на производи од сегментите -фармација, козметика, билка и хемија. Долгогодишното присуство и препознатливоста на брендовите придонесуваат за стабилна позиција на компанијата и за градење доверба кај потрошувачите и партнерите на овој пазар.
Официјалната работна посета на министерот за здравство на Црна Гора претставува одлична можност за натамошно продлабочување на соработката и за изнаоѓање нови форми на синергија меѓу „Алкалоид“ и ентитетите на црногорскиот пазар.






