Новите минерали, наречени магнезиумокензит и ченгзит, се официјално одобрени од Меѓународното минералошко здружение, објави Глобал тајмс.
Со тоа станаа седмиот и осмиот познат месечев минерал откриен во примероци од Месечината.
Научниците навеле дека кристалите се исклучително мали, со големина од само неколку микрометри, но дека даваат важни информации за составот и геолошката историја на Месечината.
И двата минерали припаѓаат на групата ретки фосфати и покажуваат уникатни структури кои немаат целосни паралели на Земјата.
Истражувањето покажа дека примероците од кинеската мисија содржат поголема концентрација на лесни ретки земни елементи, како што е цериумот, за разлика од претходните примероци собрани за време на програмата Аполо, кои беа побогати со тешки ретки земни елементи.
Научниците истакнуваат дека ова откритие придонесува за подобро разбирање на формирањето на Месечината, нејзината магматска еволуција и распределба на хемиските елементи, но и отвора можности за идната употреба на лунарните ресурси, вклучувајќи развој на нови материјали и технологии.






