Иранските претставници ќе отпатуваат во главниот град на Катар, Доха, но ги демантираа тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе се одржат директни разговори.
И Катар соопшти дека не се планирани состаноци на високо ниво или директни разговори меѓу двете долгогодишни непријателски држави. Иран во вторникот објави дека нема да се сретне со високите американски претставници што допатуваа во регионот по избувнувањето на непријателствата, што ги доведува во прашање изгледите за траен мир меѓу двете земји.
Иранските претставници, исто така, изјавија дека двете страни сè уште треба да ги усогласат условите од примирјето потпишано пред две недели, пред да започнат разговори за потешките прашања, како што се можните ограничувања на иранската нуклеарна програма.
Развојот на настаните покажува дека двете страни имаат сериозни разлики околу клучните елементи на почетната рамка, која предвидува Иран да го укине притисокот врз Ормускиот теснец во замена за финансиски поттик и 60-дневни преговори за постигнување траен мировен договор, пишува Ројтерс.
Зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и специјалниот пратеник Стив Виткоф пристигнаа во Доха на разговори, кои Белата куќа ги опиша како „разговори на високо ниво“. Сепак, и Иран и Катар соопштија дека американските претставници ќе разговараат со посредниците, а не директно со иранската делегација.
Катар потврди дека премиерот шеик Мохамед бин Абдулрахман ал Тани бил меѓу оние што се сретнале со Виткоф и Кушнер.
„Во наредните денови не е закажана никаква средба со американската страна на ниту едно ниво“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи.
Според портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед ал Ансари, двете земји треба да започнат технички разговори на пониско ниво.
Во обид да го надмине застојот во преговорите, Доналд Трамп размислувал за повторно започнување целосна воена кампања против Иран и разговарал со американскиот министер за одбрана Пит Хегсет и началникот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, за можноста за нови напади, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски извори запознаени со разговорите.
Ројтерс не можел независно да ги потврди овие информации.
Според медиумот, Трамп засега одлучил да ѝ даде повеќе време на дипломатијата, иако јавно се закани со нови напади врз Иран доколку преговорите пропаднат.
Поморскиот сообраќај делумно е обновен низ Ормускиот теснец, преку кој пред почетокот на војната на 28 февруари минуваше околу една петтина од светскиот извоз на нафта и течен природен гас.
Сепак, иранските власти тврдат дека имаат право, заедно со американскиот сојузник Оман, да управуваат со пловидбата низ теснецот и најавија дека од средината на август, по истекот на 60-дневниот период, ќе воведат такси за премин.
„Суверенитетот над Ормускиот теснец им припаѓа на Иран и Оман, а пловидбата низ теснецот ќе биде регулирана согласно договорите што ќе ги утврди Иран“, изјави главниот ирански преговарач Мохамед Бакер Калибаф за државната телевизија.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, пак, изјави дека САД нема да дозволат Иран да наплаќа такси за меѓународниот пловен пат.
Во интервју снимено во понеделникот, а објавено во вторникот, Венс рече дека транспортот на нафта низ Ормускиот теснец веќе се вратил на нивото од пред војната, а во некои денови дури и го надминал.
И покрај неизвесноста околу преговорите, цените на нафтата паѓаат од викендот, кога САД ги бомбардираа иранските воени објекти како одговор на нападите со беспилотни летала врз трговски бродови, а Иран возврати со напади врз американски воени бази во Кувајт и Бахреин.






