Избраниците на Дидие Дешан потврдија зошто го носат епитетот на главни кандидати за мундијалскиот пехар. Тие целосно доминираа во текот на сите 90 минути, редеа зицер ситуации, ја погодуваа рамката од голот и сосема заслужено патуваат во следната фаза.
Првото славје на Французите се случи во 21. минута по реализацијата на Мбапе, меѓутоа овој погодок по прегледувањето беше поништен поради недозволена позиција.
Водечкиот гол пристигна непосредно пред заминувањето на одмор. По една извонредна тимска акција, Мбапе биеше неодбранливо од косо и донесе заслужена предност од 1-0.
Само што започна второто полувреме, по осум минути игра, резултатот веќе гласеше 2-0. Олисе одлично проигра до Баркола, кој рутински ја затресе мрежата и ја дуплираше позитивата.
Точка на натпреварот и конечни 3-0 стави брилијантниот Мбапе. Ѕвездата на Реал Мадрид го искористи новото додавање од Олисе и ја потврди убедливата победа.
Во осминафиналната пресметка, репрезентацијата на Франција ќе ги одмери силите со Парагвај, селекцијата која претходно приреди сензација исфрлајќи ја Германија.






