среда, 1 јули 2026

Шпанија го забележа вториот најтопол јуни во историјата, починаа речиси 900 луѓе

Шпанија го заврши јуни со вторите највисоки температури откако се вршат мерења, а националната метеоролошка агенција АЕМЕТ го оцени месецот како „исклучително жежок“. Екстремните горештини однесоа и човечки животи, па се проценува дека во текот на јуни биле регистрирани речиси 900 смртни случаи поврзани со високите температури.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Просечната температура во континенталниот дел на Шпанија изнесувала 23,2 Целзиусови степени, што е за 3,2 степени над просекот за периодот од 1991 до 2020 година.

Потопол бил само јуни 2025 година, кога просечната температура достигнала 23,6 степени, откако АЕМЕТ во 1961 година почнал да води евиденција.

Топлинскиот бран што го одбележа крајот на месецот урна и неколку дневни температурни рекорди. Деновите 22 и 23 јуни биле најжешките јунски денови регистрирани најмалку од 1950 година.

Агенцијата оваа епизода ја оцени како „вонредна“ поради нејзиниот интензитет, времетраење и географска распространетост, особено во северниот дел на земјата, каде што беа урнати многу температурни рекорди.

Екстремните горештини имаат сериозни последици врз здравјето на населението.

Системот за следење на дневната смртност (MoMo), кој е под надлежност на шпанското Министерство за здравство, проценува дека околу 900 смртни случаи во текот на јуни може да се поврзат со високите температури. Повеќе од 600 од нив се случиле во текот на неделата кога земјата беше погодена од топлинскиот бран.

Заклучно со вторникот, без конечните податоци за последните денови од јуни, системот проценил 892 смртни случаи.

Со тоа, овој јуни стана вториот месец со најголем број смртни случаи поврзани со горештините откако ваквите мерења започнаа во 2015 година.

Системот MoMo не ги брои директно смртните случаи кај кои е потврдено дека причината е жештината, туку пресметува вишок смртност. Тоа го прави споредувајќи го регистрираниот број на починати со очекуваниот број за истиот период и ги поврзува тие податоци со периодите на потенцијално опасно високи температури.

Топлинскиот бран што меѓу 22 и 24 јуни го зафати поголемиот дел од континентална Шпанија и Балеарските Острови е дел од сè поизразен тренд.

Топлинските бранови денес не само што се почести и поинтензивни, туку се појавуваат и порано во текот на годината и го продолжуваат траењето на летото.

Податоците на АЕМЕТ покажуваат дека меѓу 1975 и 2000 година во континентална Шпанија биле регистрирани само два јунски топлински брана. Во периодот од 2000 до 2025 година нивниот број се искачил на десет.

Експертите оваа појава ја поврзуваат со глобалното затоплување предизвикано од емисиите на стакленички гасови, кои главно произлегуваат од користењето фосилни горива.

Фактот дека двата најтопли јунски месеци во историјата на мерењата се токму последните две години го одразува трендот што е видлив и на глобално ниво, каде што температурните рекорди се уриваат сè почесто, а последните години се меѓу најтоплите досега регистрирани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ