понеделник, 27 април 2026

„Од традиција до сцена“ во Куманово – семинар за современа интерпретација на фолклорот

Петтиот семинар на традиционална музика и игра ќе се одржи денеска и утре во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово, информираа организаторите. Семинарот посветен на зачувување и современа интерпретација на културното наследство е во организација на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, и годинава е на тема „Од традиција до сцена“, наменет за едукација и афирмација на традиционалната музика игра и сценскиот израз.

Објавено на

часот

Сподели

Предавачи на семинарот се професионалци од НУ „Танец“, Теодора Стојановска и Мартина Максимовска, како и Бојан Петковски, активист за заштита на културното наследство.

„Семинарот има за цел да ги поврзе традиционалните форми на изразување со современите сценски практики, овозможувајќи им на учесниците да стекнат теоретски знаења и практични вештини за правилна интерпретација и сценска презентација на традицијата и културното наследство. Програмата опфаќа предавања и работилници од областа на традиционалното пеење, сценски адаптации, кореографија, сценско движење, како и анализа на автентични изворни материјали“, изјави етнокореологот, организатор и модератор на настанот, Дени Синадиновски.

На семинарот акцент ќе биде ставен на зачувување на традиционалната форма, но и нејзина адаптација за современа сцена. Присутните ќе дискутираат за тоа како традицијата инспирира нови сценски форми, што се претрпува на сцена, за современите кореографии кои се базирани на традиционални мотиви, како и модерни музички обработки со успешни споеви на „старо“ и „ново“. Ќе се разгледа историскиот аспект на играта, нејзините први почетоци, па сè до формирањето на културно уметничките друштва, како и денешните начини на третирање. Воедно предвиден е практичниот дел на семинарот, каде ќе се прикажат различните методи на интерпретација на традиционалната култура.

Организаторите додаваат дека „Од традиција до сцена“ е предизвик само како склоп од четири зборови, далеку поголем предизвик да се изразува став и да се дебатира. Во период од десет години се следи сцената за презентација на традицијата. Во однос на класификацијата на она што се презентира резултатите се далеку покомплексни.

Во изминатите десет години различни индивидуалци и здруженија креирале проекти за презентација на традицијата кои не припаѓаат на двете доминантни правци на презентација.

„Многу малку во јавниот дискурс се говори, на пример, за загрепската школа за презентација на фолклорот. Звонимир Љеваковиќ, првиот директор на националниот ансамбл „Ладо“ на Хрватска поставува подлога за создавање на сценски приказ на традиционалната музика, игра и носија кој отстапува од другите системи на презентација. Систем во кои уметничкото дело е непроменето, променета е само формата на неговата презентација. Во однос на македонската сцена за презентација на традицијата важно е да се апострофира дека состојбата не е монохроматска, иако постојат два доминантни правци, сепак постојат низа на сценски решенија кои не припаѓаат на доминантните. Тие, правци, поради својата нераспространетост и во овој момент помала видливост, се на маргините на научно – критичките гледишта, не влегувајќи во ниту една, за сега постојна класификација. Оттука и нашата тема – од традиција до сцена – е обид токму тие правци да бидат контемплирани и можеби крајно класифицирани. Семинарот е наменет за членови на фолклорни ансамбли, музичари, кореографи, педагози, како и за сите љубители на традиционалната култура кои сакаат да ги продлабочат своите знаења и практика“, вели Синадиновски.

Реализацијата на семинарот е поддржана од Министерството за култура и туризам, како проект од национале интерес за културата за 2026 година. Со овој настан, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ продолжува со својата мисија за негување, зачувување и промоција на богатото културно наследство, создавајќи простор за негов развој и современа афирмација.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ