понеделник, 27 април 2026

Германските конзервативци подготвуваат ултиматум за Фон дер Лаен

Германските конзервативци се подготвуваат да ѝ изнесат ултиматум на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, да ја ограничи контролата и бирократијата од Брисел или да се соочи со нови иницијативи за намалување на овластувањата на ЕК.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Фон дер Лаен денес треба да присуствува на собир на конзервативците на германскиот канцелар Фридрих Мерц во Берлин, каде што планираат да изнесат построги барања за забрзано намалување на, како што тие ги нарекуваат, оптоварувачките регулативи на ЕУ што влијаат врз германската економија, изјавија двајца пратеници за Политико.

Нацртите на новата стратегија на конзервативната пратеничка група, до кои дојде порталот, покажуваат сè поостар пристап на германските пратеници во нивните напори да ги постигнат своите цели во Брисел.

Најновиот нацрт, од минатиот четврток, насловен како „Агенда за одржливо намалување на бирократијата на ниво на ЕУ“, содржи список од 27 барања упатени до Комисијата.

Една од предложените мерки предвидува ставање на извршната власт на ЕУ под надзор на тело кое би имало „суштинско право на вето на секој нов закон предложен од Европската комисија“.

Предлогот исто така предвидува создавање на надзорно тело на ниво на ЕУ или проширување на овластувањата на постојното тело за регулаторен надзор, кое моментално има советодавна улога при Комисијата.

Сепак, ваквите промени веројатно би барале измени на европските договори.

Друга мерка ги повикува европските институции да „ги толкуваат своите овластувања порестриктивно“ и да размислат за намалување на обемот на активностите, вклучително и со намалување на бројот на вработени во европските институции.

До неодамна, Фон дер Лаен и конзервативната Христијанско-демократска унија на Мерц честопати се судрија околу потребата од зголемување на конкурентноста и намалување на регулативата.

Но, најновиот притисок покажува дека нејзините политички сојузници во Германија губат трпение со, како што сметаат тие, бавното темпо на реформите.

Притисокот доаѓа во време кога Мерц и неговата влада се соочуваат со растечки притисок да ги исполнат изборните ветувања за оживување на германската економија преку сеопфатни реформи, вклучително и намалување на регулативите дома и во Брисел. Досега, тие напори не дадоа значајни резултати.

Документот е во завршна фаза и се очекува за него да гласа пратеничката група во Бундестагот во понеделник, со што ќе стане официјална политика на конзервативците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ