Целта на настанот, кој е дел од годинашната програма за култура на Општина Центар, е да се одбележи творештвото на Стефановски, неговиот дух и неговото присуство во културниот и општествениот живот, преку уметност, музика, сеќавања и пријателски разговори.
Домаќин на настанот ќе биде неговиот син, Игор Стефановски, кој ќе пречека и ќе разговара со блиски пријатели и соработници на Горан, присетувајќи се на родендените што ги славеле заедно, како и на неговиот живот, хумор, идеи и оставштина.
Програмата ќе вклучи настап на хорот „Мирче Ацев“ со неколку од омилените песни на Горан, ќе настапи и младата џез формација „Трицкл” и ќе бидат изведени неколку актерски монолози од делата на Горан Стефановски.
Според најавата, ќе биде поставена и ликовна изложба со портрети од Горан Стефановски насликани од уметникот Ненад Рафајловски, а музичката атмосфера ќе ја заокружи диџеј Шурбе.

„Настанот, во режија на Војо Цветановски, е замислен како отворена и топла средба на пријатели, уметници и граѓани, кои заедно ќе го прослават роденденот на Горан Стефановски на местото што симболично го чува неговото сеќавање – спомен-клупата во Скопје. Преку збор, музика, уметност и сеќавања, ќе се испрати порака дека Горан Стефановски и понатаму живее во културата, во градот и во луѓето“, соопштија организаторите.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, ги покани сите почитувачи на книжевноста и делото на Горан Стефановски да се придружат на настанот за, како што вели, „заедно да го одбележиме неговото творештво, неговиот дух и неговото присуство во културниот живот, преку уметност, музика, сеќавања и пријателски разговори“.
Општина Центар соопшти дека години наназад реализира настани и уредува уметнички катчиња, посветени на животот и делото на славниот дебармаалец Горан Стефановски (Битола, 27 април 1952 – Кантербери, Обединето Кралство, 27 ноември 2018).

По повод денот на раѓањето на Горан Стефановски, Драмски театар Скопје денеска организира прес-конференција за Конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор, на која ќе се обрати претседателката на Комисијата, драматургот Викторија Рангелова-Петровска.






