И ова обраќање на тудентите го пренеуваме во целост.
„27 магистри и доктори на науки со стручни студии на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје при Универзитет ‚‚Св. Кирил и Методиј‘‘ се пронајдени во анализата на јавните билтени на УКИМ која отвара сериозна академска дилема. Анализата на јавно достапните билтени на Универзитетот, како и на јавните академски профили и биографиите на кандидатите укажува на појава која отвора сериозна дискусија за начинот на кој се применуваат правилата на Болоњскиот систем во Македонија. Според јавно достапните податоци, во период од 2017 до 2026 година на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје се стекнати 27 академски степени од кандидати кои претходно завршиле стручни студии. Од нив, 19 кандидати одбраниле или се во процес на завршна одбрана на докторска дисертација и 8 кандидати магистрирале или се во процес на магистрирање. Оваа појава е документирана преку универзитетските билтени и јавните академски профили на кандидатите, што ја прави целосно проверлива и транспарентна. Посебно внимание привлекува фактот дека 18 од 19 од докторираните кандидати потекнуваат од Република Косово, при што нивниот прв циклус е физиотерапија. Голем дел од овие кандидати се наставен кадар на Универзитетите во Косово што може лесно да се потврди преку нивните јавни универзитетски профили и академски биографии. Во македонскиот систем на високо образование студиите по физиотерапија се организирани како стручни студии што ја отвора дилемата за начинот на кој дипломите од Косово биле нострифицирани и признати во нашата држава преку МОН – орган кој е одговорен за нострификација на странските дипломи кои во последните години биле проследелни со многу барања за нострификација. Со оглед на тоа дека овие кандидати продолжиле на магистерски и докторски студии, јасно е дека нивните дипломи биле институционално признати и интегрирани во академскиот систем. Важно е да се нагласи дека одговорноста не може да се префрли на кандидатите од Република Косово, бидејќи нивниот образовен систем целосно го има имплементирано Болоњскиот систем. Во тој систем пристапот до следниот циклус студии не се определува само според формалната поделба на стручни или академски студии, туку според вкупниот број на стекнати ЕКТС кредити. Во повеќето европски држави кои го применуваат Болоњскиот модел, 300 ЕКТС кредити претставуваат основен праг за пристап до докторски студии без оглед на конкретната форма на претходниот циклус. Оттука, доколку кандидатите ги исполнувале овие критериуми, нивното запишување на докторски студии е дел од нормалната академска пракса во рамките на европскиот образовен простор во Европа и Косово, освен во нашата држава.
Овој случај добива и дополнителна тежина затоа што станува збор за 27 академски степени во период од девет години, што укажува на пракса, а не на изолиран случај. Анализата на биографиите на одредени кандидати покажува и различни академски траектории, што ја нагласува комплексноста на академските вертикали. Меѓу доктрираните кандидати постои пример на кандидат од прв циклус студии на Воена академија, магистерски студии на Факултет за драмски уметности во Скопје и докторски студии по кинезиологија. Една докторска дисертација е поврзана со хормонален статус и редовна аеробна физичка активност кај лабораториски стаорци, што е тема од областа на физиологијата и експерименталната биомедицина. Многу од докторските дисертации се фокусираат на рехабилитација и здравствени науки.
Во јавноста се објавија веќе случаи во кои дел од македонските студенти се соочуваат со правни и институционални спорови околу валидноста на нивните студии, додека во ист период според последните објавени билтени на УКИМ, на други факултети процесот на магистрирање и докторирање продолжува без прекин. Оваа ситуација создава впечаток на нерамномерна примена на академските правила во рамките на истиот систем на високо образование.
Според анализираните случаи станува збор за потенцијален системски пропуст во примената и толкувањето на Болоњскиот систем во нашата држава, а не пропуст на самите студенти. Во повеќето европски држави кои го имаат усвоено Болоњскиот систем, пристапот до следниот циклус се темели на вкупниот број на стекнати ЕКТС кредити, а студентите со доволен број на кредити имаат можност да продолжат на повисок циклус студии, често со дополнителни академски усогласувања. Неофицијалните информации укажуваат дека слични академски патеки постојат и на други факултети и универзитети во државата во голем број, што ја нагласува потребата од целокупна институционална анализа на системот на високото образование, наместо изолирано рагледување на поединечни случаи.
Во наредниот период, интензивно ќе спроведеме детална анализа на сите факултети и универзитети во државата со цел да се докаже дека станува збор за широко распространета системска пракса според Болоњскиот систем во рамките на институциите. Резултатите од анализите се со цел Министерството за образование и наука да има целосен увид во начинот на кој функционира академската вертикала во државата.
Во овој контекст, прашањето повеќе не се сведува на поединечни кандидати или на одделни факултети, туку на начинот на функционирање на целиот систем на високо образование во Македонија. Кога во период од речиси една деценија се појавуваат случаи на магистерски и докторски студии со сложена структура на претходни квалификации, а истовремено дел од студентите се соочуваат со институционални спорови околу валидноста на нивните студии, станува очигледно дека проблемот не лежи кај студентите, туку во неусогласената и недоволно јасна примена на академските правила во рамките на Болоњскиот систем. Од овој апект, потребна е сеопфатна, транспарентна и институционална анализа на примената на Болоњскиот систем во државата со цел да се воспостави јасен и единствен стандард кој ќе важи за сите студенти, без разлика дали тие доаѓаат од Македонија или од странство. Само на тој начин може да се зачува академскиот интегритет на универзитетите, довербата на јавноста во институциите и вистинската вредност на академските титули“, се вели во писмото на група студенти.
Во прилог на ова писмо дадени е линкови од универзитетските билтени во кои овие податоци може да се проверат.






