четврток, 23 април 2026

Реакција на студентите за скандалот на Филозофски факултет: Кога немаат по кого, удираат по студентите!

Македонската јавност последните неколку дена е сведок на една од најконтроверзните ситуации во системот на високото образование. Студентите на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје се изложени на силен јавен притисок и медиумска кампања поради тоа што продолжиле на втор и трет циклус студии со претходно завршени стручни студии. Но дали студентите направиле нешто незаконско или системот се обидува да ја префрли сопствената одговорност врз нив? И уште поважно – Зошто системот, кога нема каде да ја преземе одговорноста удира по најслабата карика – студентите? Ова се вели во реакцијата на студентите која ја пренесуваме во целост.

Објавено на

часот

Сподели

Најважниот факт во целата ситуација е дека студентите не направиле ништо повеќе од тоа што е основно уставно право – правото на образование и надградба на знаењето. Пред да се запишат на втор циклус студии тие се консултирале со администрацијата задолжена за втор и трет циклус студии, при што добиле позитивен одговор дека имаат право да се запишат. Согласно чл. 5 од Правилникот за условите за запишување на втор циклус студии, јасно е утврдено дека на академски студиски програми од втор циклус можат да се запишат не само лица кои завршиле прв циклус академски студии, туку и лица кои завршиле стручни студии при што факултетот има право, доколку е потребно, да пропише полагање на диференцијални испити во согласност со студиската програма. Правилникот предвидува дека единиците на универзитетот имаат автономно право да ги утврдат конкретните услови за запишување, кои се утврдуваат во конкурсот за запишување студенти. Оттука произлегува дека запишувањето на кандидати со завршени стручни студии на академски студиски програми од втор циклус не претставува исклучок или неправилност, туку можност која е предвидена со правилникот, при што одговорноста за утврдување на условите и критериумите за запишување е во надлежност на самата високообразовна установа.

Врз основа на тие информации, додатоци на дипломи и ЕКТС кредити тие ги започнале студиите. Сега се поставува едно прашање: Како е можно студентите да бидат обвинети за нешто што им било дозволено од самата институција? Во јавноста се пласира теза дека студентите наводно платиле повеќе средства. Тоа не е точно. Постојат докази дека студентите уредно се запишале, редовно посетувале настава, полагале испити, па дури и паѓале испити кај одредени професори. Сите уплати се направени согласно правилниците. Ниту еден студент нема платено повеќе од пропишаното. Во јавноста се пласираат и тврдења дека станува збор за деца на функционери или блиски до политички партии, но студентите во овој случај се обични луѓе – бидејќи доколку навистина беа деца на влијателни функционери, сигурно немаше да бидат изложени на ваков јавен линч, туку тивко и без проблем ќе ги завршеа своите магистерски и докторски студии.

Студентите посочуваат дека од октомври лани наваму се изложени на сериозен притисок и неофицијални средби на кои бил присутен и деканот на Филозофскиот факултет, продеканот за настава, секретарот кој воедно е и правик и други лица. Според нивните тврдења, на тие состаноци им било укажувано да не носат телефони и да не снимаат, не се воделе никакви записници, а на студентите им било сугерирано да се отпишат од студиите и да си ги земат документите. Студентите велат дека ваквата атмосфера трае со месеци и дека се наоѓаат под постојан психолошки притисок и стрес. Една студентка сведочи дека во ходникот слушнала административна службеничка како изјавува: „Еве и сега правна поука, па нека се жалат колку сакаат.“ Во меѓувреме, студентите тврдат дека администрацијата од октомври одбива да им издаде одредени документи, при што неофицијално им било кажано дека тоа е по наредба на деканот, што дополнително ја влошува ситуацијата и ја продлабочува правната несигурност во која се наоѓаат. Истовремено, студентите укажуваат дека самото решение за прекин на студиите е спорно и не е во целост усогласено со принципите на Законот за општата управна постапка.

Според ЗОУП, секоја управна одлука мора да биде индивидуално образложена, заснована на конкретни факти и правни основи, со јасна правна поука и целосна аргументација, а во овој случај студентите тврдат дека одлуките биле генерализирани и донесени со речиси идентична содржина за повеќе студенти без детална индивидуална анализа. Поради тоа, студентите сметаат дека постои сериозна потреба од независна институционална проверка на целата постапка, бидејќи во спротивно се создава впечаток дека административни одлуки со далекусежни последици се носат без целосно почитување на процедурите и гаранциите утврдени со ЗОУП. Согласно склучениот договор кој претставува облигационен однос регулиран со Законот за облигационите односи, истиот е еднострано раскинат од страна на другата договорна страна, без постоење на заемна согласност на договорните страни и без донесена правосилна одлука од надлежен суд  Основниот граѓански суд Скопје. Со тоа е извршено самоволно и противправно прекинување на договорниот однос. 

Македонија е дел од Болоњскиот систем на високо образование. Во европскиот академски систем важи принципот 180-240 кредити – прв циклус и 60-120 кредити – втор циклус што значи вкупно најмалку 300 ЕКТС кредити како услов за пристап до докторски студии. Студентите во овој случај имаат 300 ЕКТС кредити. Но, во Македонија постои административна поделба ниво VIIА – академски студии и ниво VIIБ – стручни студии и оваа поделба создава сериозни проблеми кај нерегулираните професии, каде лицата со стручни студии практично немаат јасен академски пат, иако имаат доволен број кредити. Во Европа ова е нормална пракса. Во Словенија Законот за високо образование и правилниците на универзитетите предвидуваат дека на докторски студии може да се запишат кандидати кои имаат завршен втор циклус студии или интегрирани студии со најмалку 300 ЕКТС кредити, при што во одредени случаи се предвидуваат дополнителни предмети или разлики, но не и автоматска забрана за продолжување. Во Хрватска според Законот за научна дејност и високо образование и правилниците на универзитетите (Загреб, Сплит, Риека) на докторски студии може да се запишат кандидати со завршен магистерски и најмалку 300 ЕКТС кредити, а универзитетите имаат можност да пропишат дополнителни академски услови или мост-програми, но не и автоматско исклучување врз основа на типот на претходните студии. Во Австрија универзитетите дозволуваат пристап до докторски студии на кандидати кои имаат релевантна магистерска квалификација, при што доколку програмата е од стручен тип (Fachhochschule), универзитетот може да бара дополнителни академски предмети, но не го исклучува кандидатот поради типот на претходната диплома.

Ова покажува дека во европската пракса најважниот критериум е академското ниво и бројот на ЕКТС кредити, додека типот на претходната програма најчесто се решава преку дополнителни академски обврски, а не преку целосно ограничување на академскиот напредок. Во Македонија поделбата на VIIA и VIIB ниво често создава ситуација во која лица со ист број кредити и завршен втор циклус студии немаат еднаков пристап до трет циклус, што отвора сериозни прашања за усогласеноста со принципите на Болоњскиот систем и еднаквиот пристап до образование. 

Јавно достапните билтени на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ покажуваат дека ваквата пракса постоела со децении. Во нив се наведени биографии на лица кои завршиле стручни студиипотоа магистерски студии и подоцна докториралеВакви случаи постојат во билтените на повеќе факултети меѓу кои Правниот факултетЕкономскиот факултетФакултетот за физичка култура како и други факултети, можеби и сите. Проценетата бројка на активни и веќе магистрирани и докторирани на ниво на Универзитетот е троцифрена. Особено познат е примерот од Медицинскиот факултет, каде во минатото постоеле голем број магистри по јавно здравје со претходно завршени стручни студии. Во последните години оваа пракса постепено се менувашено никогаш не се случило ретроактивно да се казнуваат студенти кои веќе биле запишани со дозвола од институцијата. Исто така, како МОН ги нострифицира дипломира на дипломираните физиотерапевти од Косово кои магистрираат и докторираат на Факултетот за физичко образование и спорт, а каде над 90% од кандидатите на факултетот се со стручно образование? Овие податоци лесно можат да се проверат за студентите според Комората на физиотерапевти во Косово, Билтените на УКИМ и јавно достапните информации на факултетите. 

Како е можно министерката да вели дека не знае за случајот? 

Многу е контроверзна изјавата на министерката за образование и наука дека не е запознаена со случајот, иако најголем дел од студентите веќе имале директна и индиректна комуникација со Министерството за образование и наука. Постојат официјални документи по барање на студентите кои покажуваат дека Министерството било информирано за случајот од октомври минатата година. Во документ издаден од Министерството за образование и наука потпишан од министерката проф. д-р Весна Јаневска се наведува дека Министерството го разгледало случајот и дало институционално мислење. Во истиот документ се наведува дека доколку високообразовната установа утврди дека се исполнети условите согласно Законот за Национална рамка на квалификации, а студентот го има достигнато VII ниво од Европската рамка на квалификации, не постои пречка за запишување на трет циклус студии, односно премин кон VIII ниво. Документот дополнително се повикува и на Законот за високо образование, каде се наведува дека студентот има право да напредува и да го заврши студирањето под услови кои важеле при уписот.

Со други зборови, самото Министерство признава дека студентите имаат право да напредуваат во студиите, а условите за упис ги утврдува универзитетот. Според ова, како е можно Министерството да тврди дека не е запознаено со случајот и дека ќе се одземаат стекнатите дипломи, кога постои официјален документ потпишан од самата министерка кое вели дека нема пречка во премин на трет циклус? Ако постоел системски проблем, тогаш тој требало да се реши со измена на законите, со измена на правилниците или со јасни критериуми, но не и со ретроактивно санкционирање на студентите и тоа само на Филозофски факултет, додека другите си уживаат во своите права како активни магистранди и докторанди на другите факултети на УКИМ. Целиот случај отвора едно многу сериозно прашање за функционирањето на институциите. Кога институциите не можат да ја преземат одговорноста за сопствените одлуки, системот удира по најслабата карика – СТУДЕНТИТЕ

Контрадикции во постапувањето на Државниот просветен инспекторат

Во нашиот случај се поставуваат сериозни прашања за постапувањето на Државниот просветен инспекторат. Најпрво, со прв допис по барање на студентите, инспекторатот ги известува подносителите на барањето дека по извршената анализа на доставената документација не постојат законски основи за отворање инспекциски предмет бидејќи во барањето не бил наведен конкретен незаконит акт, решение или постапка на високообразовна установа која би претставувала повреда на закон. Во истиот документ се наведува и дека прашањата кои се однесуваат на академски статус, услови за запишување и продолжување на студии се во надлежност на високообразовните установи и Министерството за образование и наука, согласно Законот за високо образование и принципот на универзитетска автономија.

Меѓутоа, само неколку недели подоцна истиот Државен просветен инспекторат врши вонреден инспекциски надзор на Филозофскиот факултет при што е составен записник и е донесено решение. Во решението инспекторот констатира неправилности во постапката за запишување студенти на втор и трет циклус студии и му наложува на деканот на факултетот да ги отстрани констатираните неправилности. Она што дополнително отвора сериозни дилеми е фактот дека иницијативата за инспекциски надзор е поднесена токму од деканот на Филозофскиот факултет, односно од самата институција која е предмет на надзор. Како е можно првично инспекторатот да утврди дека не постојат законски основи за инспекциска постапка, а потоа да изврши вонреден инспекциски надзор по иницијатива на самата институција? 

Дополнително, во јавноста постојат и други случаи во кои се поставувале прашања за постапување на Филозофскиот факултет, како на пример случајот со асистентката Л.Б. за која студентите јавно посочувале дека одржувала настава и комуницирала со студентите за предмети на факултетот, иако во ист период била ангажирана на друг универзитет. Во врска со тој случај постоеле и електронски комуникации (и-мејл преписки) со студентите како доказ за нејзиното учество во наставниот процес. Оваа информација е лесно достапна и напишана од страна на пензиониран просветен инспектор. 

И покрај ваквите наводи, во јавноста никогаш не беше презентирана јасна информација дали по тој случај бил извршен инспекциски надзор или дали биле утврдени неправилности, за кои постои сомнение дека надзорот е извршен токму од истите инспектори. Токму затоа се поставува прашањето: дали институциите реагираат еднакво во сите случаи, или инспекциските постапки се иницираат селективно?  

Системот на високо образование мора да почива на правна сигурност, еднаквост и институционална одговорност. Студентите не смеат да бидат жртви на системски пропусти. 

Селективен пристап

Во јавноста се поставуваат и сериозни прашања за начинот на функционирање на Филозофскиот факултет и за потенцијални конфликти на интереси во неговото раководство. Според јавно достапните информации, сопругата на деканот Бакрески докторирала на истиот факултет во 2018 година (информација достапна во репозиториумот на УКИМ), во период кога тој бил продекан за настава, додека кум на семејството бил тогашниот декан на факултетот – зошто никој се нема изземено од функцијата додека кандидатката била магистранд и докторанд? Подоцна таа била унапредена на позицијата раководител на човечки ресурси и настава каде сѐ уште ја извршува истата функција – токму во службата каде студентите треба да се обратат кога имаат проблем или сакаат да поднесат приговор. Зошто надлежните институции досега не реагирале на ваков конфликт на интереси, а бурно реагираат на обични студенти на кои им е даден статус студент, па одземен? Во ваква ситуација се поставува едно прашање: Каде се институциите? Зошто токму Филозофскиот факултет е ставен под ваков притисок? 

Добро е познато дека слични образовни патеки и академски ситуации постојат на повеќе факултети во рамките на УКИМ, па дури и на други универзитети во Македонија. Дали станува збор за системски проблем во високото образование – или за селективен пристап и некои скриени намери? Доколку вакви ситуации постојат на повеќе места во системот, тогаш логично е да се постави прашањето: зошто проблемот се отвора само на едно место и токму во овој момент? Како е можно во истиот момент да се организира конференција со веќе спремен говор од страна на деканот, зошто министерката не ни даде одговори пред време, а по бурните вести веднаш излезе на прес конференција?

Овие прашања не се политички, туку прашања за транспарентност, академски интегритет и правна сигурност. Затоа јавноста очекува јасни и аргументирани одговори од институциите, наместо молк, бидејќи во спротивно се создава впечаток кога системот не може да се справи со сопствените проблеми, тој удира по најслабата карика – студентите.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ