Министерот ја нагласи целосната поддршка од Владата, која се изразува преку институционални, финансиски и политички механизми.
„ ‘Скопје 2028’ ја има нашата целосна и безрезервна поддршка. Поддршка што не е декларативна, туку институционална, финансиска и политичка. Поддршка што ќе обезбеди континуитет, координација и стабилност – три услови, без кои ниеден ваков проект не може да успее“, истакна Љутков додавајќи дека за реализација се обезбедени 20 милиони евра.
Тој ја опиша титулата европска престолнина на културата како можност за ново гледање на градот и неговата историја.
„Кога зборуваме за европската престолнина на културата, не зборуваме само за титула. Зборуваме за приказни, за луѓе, за градови што се менуваат и се отвораат. Зборуваме за можност еден град да се види себеси на нов начин – и светот да го види него со нови очи“, рече Љутков.

Тој најави ревитализација на скопското Кале, конзервација на акведуктот, реконструкција на Универзалната сала и отворање нови културни простори достапни за граѓаните. Истакна дека процесот е долгорочен и ќе остави трајна трага.
„Ова што го градиме не е само за 2028 година. Ова е процес што веќе почна – и треба да остави трага што ќе се чувствува долго време потоа’, посочи Љутков.
Според него, проектот е можност за поврзување со Европа, уметниците и младите, но, пред сè, е проект на луѓето.
„ ‘Скопје 2028’ е можност да покажеме кои сме, не само пред другите, туку и пред самите себеси. Можност да покажеме дека знаеме да работиме заедно, дека знаеме да создадеме и дека знаеме да веруваме во нешто што е поголемо од нас.
Затоа што, на крајот, ова не е проект на институциите. Ова е проект на луѓето. На сите нас. И токму затоа верувам дека ‘Скопје 2028’ може да биде нешто навистина посебно“, нагласи министерот.
Настанот се одржува во Скопје, со присуство на претставници од Владата, локалната самоуправа и културните институции.






