„И најлесниот начин на кој ние можеме да се движиме напред и да ги решаваме нашите меѓусебни прашања е доколку Бугарија ги отвори вратите и дозволи ние да ги почнеме преговорите и да знаеме дека сите предизвици може да се решат, но да бидат принципиелни предизвици. А за прашања, ќе повторам, поврзани со историјата, идентитетот и јазикот, оваа Влада не е подготвена ниту да преговара ниту да разговара за нив“, рече Муцунски.
Како што јави известувачот на МИА од Софија, шефот на македонската дипломатија попладнево ќе ја придружува претседателката Сиљановска-Давкова на билатералната средба со бугарската претседателка Илијана Јотова.
„Сè повеќе е потребен дух на доверба затоа што во моментот треба да бидеме искрени и меѓу себе, а постои висок степен на недоверба од двете страни. И таа почнува со една хистерија од минатото, насочена кон создавање негативна перцепција поврзана со нашата држава, која се прелева и во внатрешната атмосфера кај нас“, рече Муцунски.
Нашите позиции, вели тој, не се променети, но сакаме да градиме дух на позитивна атмосфера.
„Токму тоа тој утрово го кажал и пред бугарските новинари. – Реков, многу е лесно да бараме причини што нè делат, но дајте, наместо да се фокусираме на минатото, на ирелевантни прашања за европскиот процес, прашања поврзани со идентитетот, историјата, со јазикот – тие се автохтони прашања на една земја и не треба да бидат дел од европскиот процес, да се фокусираме на она што е релевантно и значајно за нашите две држави, а тоа е заедничката иднина во Европската Унија. Тоа е пораката што ја праќаме од Софија“, истакна Муцунски.
Шефот на дипломатијата рече дека со сите колеги треба да се гради меѓусебна доверба и дека дискусиите треба да продолжат.
„Треба да продолжиме да ги користиме можностите и да се среќаваме во мултилатералните формати. Набргу повторно ќе бидеме сите заедно, голем дел од оние што беа присутни денес на НАТО-самитот, така што верувам дека во следниот период ќе има повторно можности да дискутираме и да бараме решенија за сите предизвици“, рече тој.
Во обраќањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ПСЈИЕ во рамките на бугарското претседавање рече дека проширувањето веќе не е само технички пристапен процес, туку стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа.
Процесот на интеграција, според него, би бил кредибилен кога би се почитувале сите оние резултати и реформи што се направени, а не отстапките.
„Дефинитивно, и тоа е нашата јасна позиција. Прво, она што е апсолутно јасно и тоа го кажувам особено по самитот во Тиват е дека постои огромен прозорец кој се отвора од страна на Европската Унија насочена кон регионот на Западен Балкан. Но исто така она што ние постојано го повторуваме е дека тој прозорец во преден план треба да ги стави земјите што ги исполнуваат реформите поврзани со европските критериуми, но и земјите што имаат целосна усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика со Европската Унија“, изјави тој.
Од таа гледна точка, вели Муцунски, ние сме модел земја и нашата држава е држава што спроведува европски реформи на дело и која во делот на надворешната и безбедносната политика е предвидлив и кредибилен партнер.
ПСЈИЕ одбележува 30 години од формирањето, а од неа дел се 13 земји од регионот и пошироко.






