Како што соопштија попладнево од МВР, делегација од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, предводена од помошник на министерот, м-р Ивица Станковски, во организација на DCAF, Женевски центар за управување со безбедносниот сектор, одржала работна посета на албанската Агенција за надзор на полицијата. Делегацијата на Одделот била пречекана од директорот на Агенцијата за надзор на полицијата, Клевис Ќосе.
За време на посетата се разговарало за зајакнување на професионалниот интегритет на вработените и унапредување на внатрешните капацитети. Биле размененти искуства за организацијата и функционирањето на институциите за полициски надзор, методологиите за оперативни истраги, постапувањето по претставки од граѓани, механизмите за отчетност, како и предизвиците поврзани со зголемувањето на транспарентноста и јавната доверба.
„Од особена важност беше истакнато зајакнување на регионалната соработка и споделување на најдобрите практики во областа на полицискиот надзор. Претставниците на Агенцијата го презентираа албанскиот модел на полициски надзор, организациската структура и работните практики на Дирекцијата за истраги и Дирекцијата за инспекции и претставки, додека делегацијата од Одделот ја претстави организациската структура и ги сподели искуствата од приоритетите на Планот за професионален интегритет 2026-2028“, информираа од МВР.






