среда, 10 јуни 2026

Инсектицидот ланате е отровот што деца го пронајдоа близу игралиште во Кисела Вода, објави „Лајка“

Институтот за судска медицина утврди дека во парчињата салама што ги најдоа деца во Расадник, Кисела Вода, во близина на детско игралиште, има присуство на инсектицидот метомил (во јавноста познат како ланате), информираа денеска од Јавното претпријатие (ЈП) „Лајка“. Овој отров е опасен при голтање, вдишување и контакт преку кожа, а само еден грам од овој инсектицид може да предизвика смрт кај човек од 70 килограми.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за високо токсичен инсектицид, одамна забранет за употреба и за увоз во земјите на ЕУ и во Македонија, поради неговата енормна токсичност и можност за злоупотреби, најмногу со цел да се трујат животни, се вели во соопштението од ЈП „Лајка“.

Оттаму потестија дека во Расадник такво масовно труење имаше на 15 мај, кога угинаа повеќе домашни и улични кучиња и мачки, а отровот беше расфрлан и пред влезови од зградите.

„По ова, совесни граѓани преку флаери залепени на речиси секој влез во Расадник предупредија да се внимава на расфрлена храна со бела прашкаста материја, па така и децата кои сега ги пронашле парчињата салама, веднаш ги известиле родителите“, потсетија од „Лајка“.

Загрижените родители пак, се обратиле до „Лајка“, по што сомнителната храна била во Институтот за судска медицина на токсиколошко испитување.

„Таму се потврдија сомнежите дека станува збор за ланате – отров од кој животните умираат во агонија, со нагло паѓање или губење сила, пена од уста, грчеви, неконтролирано мокрење/дефекација и гушење. Тој е опасен при голтање, вдишување и контакт преку кожа, а само еден грам од овој инсектицид може да предизвика смрт кај човек од 70 килограми. Со оглед на сѐ поголемата злоупотреба на овој инсектицид, се надеваме на превенција, соработка и навремена реакција од сите надлежни институции, со цел да се утврди кој ја расфрла отровната супстанца на јавни површини и како истата се внесува во земјава“, предупредуваат од „Лајка“.

Од Јавното претпријатие објаснуваат дека труењето со ланате во современите држави веќе не се третира само како злоупотреба на пестицид, туку и како еколошки криминал, кривично дело и опасност по јавното здравје, а во Македонија веќе има примери за смртни последици по луѓе кои дошле во допир со овој инсектицид. За расфрлањето на вакви отрови, предвидени се затворски казни, според Кривичниот законик и тоа за кривичното дело неовластено производство, постапување и промет со опасни материи.

„ЈП Лајка изразува сериозна загриженост, бидејќи во случајов не се загрозуваат само животите на домашните и улични животни, туку и животите на сите граѓани, а особено на децата, кои можат да дојдат во допир со отровот. Апелираме до сите граѓани, доколку забележат сомнителна храна со бела прашкаста материја да не ја допираат, освен со заштитни ракавици, веднаш да ги оддалечат децата и животните од местото, да пријават во МВР и во ЈП ‘Лајка’, доколку е можно, да ја фотографираат локацијата и да споделат со јавноста, со цел да бидат предупредени што повеќе граѓани“, децидни се од „Лајка“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ