Ние имаме непосредно искуство за кое можеме да зборуваме со години, но малкумина и ни придаваат значење како на мала и неважна земја. Во периодот 2015/2016 година, Македонија искуси обоена револуција (позната како Шарена револуција, веројатно за да асоцира на „шарената салата“ на етницитети). Финансирана однадвор, а насочена не само кон смена на едниот коалициски столб на власта (тој на ВМРО-ДПМНЕ), нејзината суштина немаше никаква врска со демократијата. Целта беше подготовка на принудна промена на уставното име (која требаше да изгледа како спонтана и „народна“). Странските ментори веќе не можеа да се занимаваат со застојот на комплетирањето на „јужното крило на НАТО“, па го „поттурнаа процесот“ со инсталирање попослушно раководство. Пред само неколку дена видовме дека во меѓувреме (и покрај застојот кон ЕУ, милитаризацијата на НАТО и војните во кои нè инволвираа) една група „елитни“ професори, амбасадори, декани, новинари и слични му се поклонуваа на Зоран Заев и ја фалеа оваа „историска одлука“. Како и да е, сега е веќе јасно дека дознавме што значеше огромниот прилив на грантови, новосоздадени движења и перформанси на „случување народ“ кои беа канализирани преку медиуми, активисти и дел од граѓанското општество како инструменти на остварување геополитичка цел. Фрустрацијата растеше, но состојбата метастазираше: сега имаме и претседателка која не смее да го изговори „она на М“.
Сепак, кога стигна веста за „чистката“ на Трамп со помош на „пилата“ со која едно време работеше Илон Маск, мојот скептицизам остана цврст. Империите не се откажуваат така лесно од алатки што функционираат и даваат резултати. Во февруари 2025 година објавив текст со наслов „USAID е мртов — да живее USAID!“ (Се разбира, текстот не беше посветен исклучиво на USAID; тој беше избран само како симбол и метафора за сите што ја сочинуваа оваа мрежа на агенции, организации, фондови и фондации). Инстинктот не ме изневери: сега е јасно дека повеќето од овие актери ја преживеаја „моторната пила“ и се вратија на старото. Нови „револуции“ продолжија да изникнуваат од Непал до Индонезија, ама не и на Куба или во Иран.
Непосредниот повод за овој текст е годишниот извештај за 2025 година на НЕД (National Endowment for Democracy – Националниот фонд за демократија). За оние што не се запознаени: станува збор за јавно-приватен ентитет, хибрид создаден во пикот на реганизмот (1982–83), токму затоа што бројните операции на ЦИА станаа толку брутални и тешки да се оправдаат, што беа и контрапродуктивни. НЕД требаше да биде и стана „помеката“ алатка, односно другата страна на истата паричка на управување со светот. Неговиот прв претседател Ален Веинстеин уште во 1991 година јавно призна: „Голем дел од тоа што го правиме денес, ЦИА го правеше тајно пред 25 години.“ Променета беше формата, но не и функцијата. Тајните („меки“) операции станаа „поддршка за демократија“, дестабилизацијата на режими се нарече „поддршка на граѓанското општество“. Интервенцијата беше „испрана“ низ јазикот на НВО-секторот како спонтано барање на народот. Но и денес, да не се залажуваме: додека вниманието ни е свртено кон драматичните воени случувања, овие „меки“ механизми работат во позадина. Можеби потивко, но за истата империјална цел.
НЕД има намерно двосмислена институционална позиција: формално непрофитна организација, но директно финансирана од американскиот Конгрес и одговорна пред него и во координација со Стејт Департментот. Токму во тоа лежи „генијалноста“ на нејзината архитектурата. Задржувајќи ја формата соодветна за граѓанско општество, НЕД може да финансира сепаратистички движења, опозициски протести, да обликува медиумски екосистеми и да обучува политички кадри, а сето тоа со веродостојно негирање од страна на официјалната власт. Затоа, НЕД во теориската класификација спаѓа во она што го нарекуваме GONGO – governmental non-governmental organization. Во превод, суштински владина организација со форма на невладина, вистинска фикција – но која успева да ја продаде приказната во конкретното општество кое треба да се „демократизира“, со арно или со лошо.
Најновиот Извештај за 2025 година започнува со речиси литургиска самоувереност: НЕД „стоел покрај храбрите партнери во свет обележан со демократски отворања и засилена авторитарна репресија“. Јазикот е морален, не аналитички. Нема противречности, нема историја на интервенции, нема асиметрии на моќ: само чиста дихотомија меѓу слободата и нејзините непријатели. Ние против Нив; Добрите (демократи) против Лошите (автократи). Ова не е извештај. Ова е катехизис.
Таксономијата е впечатливо конзистентна дури и за луѓе кои не се интересираат за геополитика: Кина, Русија, Иран, Куба, Венецуела. Листата е долга, и се состои од оние кои ќе се дефинираат како „репресивни режими“, што речиси совршено се поклопува со државите што одбиваат да ги прифатат условите на американската економска и геополитичка доминација. Во меѓувреме, Саудиска Арабија, Египет, Израел или Аргентина и Чиле не се ни споменуваат. Ваквото мерење на демократијата, очигледно, има специфична „слепа точка“: тоа не ги гледа сојузниците, а уште помалку ниту себеси во огледало. Ова не е слабост на методологијата. Ова е методологијата.
Мишел Фуко одамна предупреди дека знаењето никогаш не е невино. Роберт Кокс, таткото на критичката теорија, одамна утврди дека „секоја теорија е за некого и за некоја цел“. Секој индекс на „слобода“ или „авторитарност“ е режим на моќ; тој го создава светот што тврди дека само го опишува. Сетете се кој има право да дефинира, на пример, што е „неуспешна држава“ или „заробена држава“ – и ќе сфатите дека тој што дефинира врши функција на моќ, а не анализира објективно. Така, кога НЕД означува некоја држава како „авторитарна“, тоа не е неутрално набљудување, туку политички чин кој води кон легитимација на интервенција, санкционирање на дестабилизација и делегитимирање на отпорот против надворешните притисоци.
Дали некој е изненаден што во Извештајот на НЕД Кина е на врвот на листата? Извештајот е експлицитен: програмите поврзани со Кина ќе останат најголем приоритет и во иднина. Ова е геополитичка одлука облечена во јазик на човекови права. Таа се совпаѓа со заострувањето на американско-кинеското ривалство, иако има подолга историја. Обидите големата држава со специфичен систем да се дестабилизира по теркот на „Југославија“ (или „балканизација“ како што некогаш се кажува) има една цел, но „боцка“ од Тајван до Шинџијанг и Тибет. Фокусот кон Кина не е реакција на „пад на слободите“, туку на падот на американската хегемонија. Истражувањата на задоволството со демократскиот поредок покажуваат дека кинеските граѓани се толку задоволни од системот во кој живеат, што ние можеме само да сонуваме. Истото важи и за граѓаните од старите западни демократии.
Квантитативниот пресврт во извештајот е исто така значаен: тие ставаат акцент на бројки и квантитативни податоци кои треба да создадат привид на објективност. Па тука е целата нова (орвелијанска) семантика и новоизмислени фрази како „демократска отпорност“ (кон што/кого?), „граѓанска иновација“ (?!), „изборен интегритет“ (аха, да не се мешаат Русите и да се добиваат резултати какви што посакува Вашингтон или Брисел). Новиот „Impact Lab“ (Лабораторија на влијание) е посебно нагласен во овој Извештај. Тој е опишан како центар што користи докази, применето истражување и учење, а наводната цел е да го направи НЕД „попаметен, поефикасен и поадаптивен“ во вложувањата во „демократија“ треба да ја направи организацијата „поефикасна и попаметна“. А кога треба брзо да се дејствува, извештајот отворено признава: „бевме во позиција брзо да насочиме ресурси“ кон зацртаните цели и групи.
Откако ќе го „прошетате“ светот и забележите сите добри демократски дела на НЕД (вклучувајќи го и т.н. Западен Балкан и Македонија), ви паѓа во очи една подлабока иронија. Тоа е слепилото за ерозијата на демократијата дома, во сопствениот двор, во земјата која е божем пример за демократија. Додека судат глобално, не гледаат дека американскиот систем на тежа и противтежа се распадна сосема, дека уставот веќе не важи, дека униформирани лица можат неказнето да одземат живот во „војната против мигрантите“ (од кои мнозина се всушност американски државјани, ама со поинаква боја на кожа). Дефектите на американската демократија се едвај веќе поправливи: заклучоците за падот на империјата се речиси универзални. А империите обично пропаѓаат со имплоазија, однатре. Пред шест години, кога бев уредник на научното списание „Безбедносни дијалози“ ја имав честа да објавам текст на професорот од Принстон, Ричард Фолк. Неговиот текст има наслов „Може ли американската демократија да се поправи?“, а клучни зборови се: демократија, фашизам, Трамп, обесправување, потиснување на гласачи, плутократија. Тоа беше за време на првиот мандат на Трамп. Иако за миг неговите заклучоци (особено во однос на уривањето на демократијата и фашизацијата) ми се чинеа престроги, тој сепак беше во право. Траекторијата всушност беше јасна далеку пред Трамп првпат да дојде на чело на Белата куќа. Неговиот наследник, Џо Бајден не ја промени, тој само ја подготви сцената за второто доаѓање на Трамп и за тоталниот колапс на базичните вредности со кои дотогаш се гордееше американскиот систем.
Клучното прашање гласи: што да се прави? Импактот на демократскиот колапс и воинственоста која се граничи со лудило имаат влијание буквално врз целиот свет. Во вакви околности, именувањето на НЕД (меѓу останатите) како геополитички инструмент е нужно, но недоволно. Разоткривање без стратегија е само коментар. Затоа овде само кратко изложувам неколку правци за акција.
Првата линија на отпор е правна: инсистирање на транспарентност во сè што се склучува како договор со оваа влада; недозволување амбасадори да ви бидат сиви еминенции кои ги влечат конците зад легитимната национална власт (дури и ако не ви се допаѓа), регистрација како странски агенти, па и протерување кога е оправдано. Ова не е авторитарност, туку суверенитет. Втората линија се однесува на наративот: разбивање на монополот врз поимите „демократија“ и „слобода“. Не може некој што е неспособен или неволен да работи на демократија дома да проповеда и интервенира надвор. Тој нема никаков легитимитет да зборува што е демократија, а уште помалку да ја мери. Третата насока на дејствување е солидарноста: хоризонтална, меѓу граѓаните и преку границите, социјална и класна, интернационализам и застанување зад правото на секоја земја да има систем каков што сама одбрала и правото да го брани или менува по сопствена, а не туѓа волја. И конечно, поинтензивна и конкретна соработка на релација (глобален) Југ со Југ.
Ништо од ова не е лесно. Но империите во распад не се непобедливи, тие се кршливи. Грубоста на извештајот на НЕД за 2025 година не е знак на самодоверба, туку на вознемиреност. И подготвеност за уште полоши сценарија.
Плановите за 2026 звучат повеќе како закана отколку како програма. Кина, Русија и Иран остануваат приоритет и тоа во еден бизарен историски миг. Дали е ова соодветна агенда за 250-годишниот јубилеј на држава родена од геноцид и етничко чистење (на преку 10 милиони луѓе кои отсекогаш живееле на таа територија, пред да дојдат „пионерите“), а која и натаму ги испреплетува судбините на народите ширум светот. И аминува нови геноцидни акции… Очигледно, „големи“ постигнувања за мавтање со знаменца и паради. Само не знам како не им е срам од сопствената историја. А нацијата секогаш имала големи луѓе и морални џинови, но тие никогаш не биле слушнати и признати доволно. Еден од нив беше професорот Хауард Зин, кој меѓу другото одамна напиша: „Историски, најстрашните нешта – војна, геноцид и ропство – не произлегле од непослушност, туку од преголема послушност.“ И можеби посоодветна е оваа мисла за мигот: „Нема знаме доволно големо за да го покрие срамот од убивањето на невини луѓе.“
Билјана Ванковска











