„Замина во вечноста еден од најдостоинствените претставници на македонската дијаспора“, се вели во сочувството од македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.
Таа во сочувството до семејството Бојтендајк и до Македонската заедница во Холандија нагласи дека „името на Светлана Мишева останува трајно впишано меѓу најдостоинствените претставници на македонската дијаспора, каде со мудрост, достоинство и неуморна посветеност ги афирмираше македонската култура, традиција и национален идентитет“.
Претседателката Сиљановска-Давкова ја нарече Мишева „жена со редок интегритет, благородна мисија и исклучителен придонес за македонската кауза надвор од татковината“.
„Заминувањето на Светлана Мишева е огромна загуба за сите нас“, се вели во сочувството на претседателката Сиљановска-Давкова, „а нејзиниот животен пат е доказ дека чесноста, трудот и пожртвуваноста оставаат неизбришливи траги, а со своето делување, таа беше мост меѓу татковината и Македонците ширум светот и потсетник дека љубовта кон Македонија не познава далечини и граници“.
Претседателот на Македонската заедница во Холандија Илија Талески во комеморативниот говор изрази жалење за загубата, но подвлече дека „неизмерно сме горди што ја познававме и имавме чест да соработуваме со неа бидејќи таа беше нашиот ментор и го носеше епитетот мајка на македонската заедница во Холандија“.
Светлана Мишева е родена во село Плешенци, Пробиштип во 1944 година, но детството го минала во Скопје. Беше редок и несекојдневен промотор на Македонија од својата рана младост како активен член на фолклорниот ансамбл „Орце Николов“ и во 60-тите години на минатиот век настапувала на скоро сите фолклорни фестивали низ целиот свет. Напоредно градела кариера и како фото-модел во поранешна Југославија за модната куќа L’Oréal. Непосредно по земјотресот во 1963 година работела во тимот на јапонскиот архитект Кензо Танге во изградбата на Скопје и на повик на ансамблот „Орце Николов“ повторно заминала на турнеја во Америка, но овојпат во хуманитарни концерти и собирање помош за обнова на македонскиот главен град. Во Холандија живеше од 1971 година со својот сопруг Дирк и нивните три деца, Тео, Јохан и Дона и активно помагала на бегалци, сиромашни и болни за чија хуманост добивала јавни признанија. Идоли на Светлана Мишева беа Мартин Лутер Кинг (јуниор), Петре М. Андреевски, Милан Кундера, папата Франциск и нигерискиот теоретичар и филозоф Ахил Мбебе, а во последната деценија Мишева ќе остане запаметена со повикот до Македонците во Холандија и во светот да не се откажуваат од својата културна и идентитетска борба бидејќи, според М.Л.Кинг, „човекот умира тогаш кога одбива да се застапува за она што е правда и за она штое вистина“ и додаде дека утре нашите гробови не смеат да бидат празни (П.М.Андреевски).






