Како ќе се одбележи денот на основањето на вториот државен Универзитет со седиште во Битола? Потсетете на документираните почетоци…
„Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола е основан на 25 април 1979 под името Универзитет во Битола со потпишување самоуправна спогодба на осум високообразовни и научни установи, кои дејствувале во Југозападниот Регион на тогашната СР Македонија, односно во градовите Битола, Прилеп и Охрид. Со оглед дека од 1994 година нашиот универзитет го носи името Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, главната академска свеченост се одржува во декември по повод чествувањето на денот на нашиот патрон св. Климент Охридски. Но денот на основањето четврта година го одбележуваме со веќе традиционалниот настан Отворен ден – УКЛО и пријателите. Годинава, под инспиративното мото Извонредност и кариера, ги отвораме вратите на Офицерскиот дом во Битола претворајќи го просторот во јадро на знаењето, соработката и новите можности. Оваа година отворениот ден ќе го одбележат неколку клучни столба, 15 години УКЛО Студентско радио, манифестација со која го славиме гласот на студентите, кој една и пол деценија е нераскинлив дел од нашиот идентитет. На настанот со гордост ќе доделиме признание за светската извонредност – Ректорска повелба на светски признатиот офталмолог, проф. д-р Горан Петровски – истакнат член на УКЛО-мрежата, кој со својот успех на Универзитетот во Осло ги претставува УКЛО и македонскиот интелект во светот. Вештачката интелигенција во служба на младите е пионерски проект на учениците и професорите од Гимназијата Јосип Броз Тито – Битола. Нивниот ВИ-четбот за кариерно советување е дигитален мост кој ќе им помогне на матурантите да го пронајдат својот вистински пат на УКЛО. Образование според моделот четирикратна спирала е академски настан, на кој проф. д-р Марјан Ангелески ќе претстави уникатен пристап во креирањето на студиските програми – процес во кој професорите, бизнис-секторот, алумните и студентите заеднички ја дизајнираат иднината на високото образование. И Крунисување на успехот, настан на кој ќе ги доделиме наградите на 40-те најдобри студенти, оние што преку високиот просек, научната работа и воннаставниот ангажман се вистинските амбасадори на извонредноста, а на настанот Европски хоризонти нашите студенти ќе го споделат своето искуство од припадноста кон Европската универзитетска алијанса – КОЛОРС, која го позиционира УКЛО на мапата на европската елита“.
На што се темели соработката меѓу УКЛО и бизнис-заедницата?
„Пред сè, на заемната потреба на едните од другите. Универзитетот има потреба за вклучување на бизнис-заедницата во образовните и истражувачките процеси, со цел студентите да добијат поголеми практични знаења и знаења, кои се барани на пазарот на труд, со што би се подобрила нивната вработливиот. Бизнис-заедницата исто така има потреба за вклучување во образовните и истражувачките процеси на Универзитетот, со цел студентите да добијат поголеми практични знаења и знаења што се барани на пазарот на труд, со што полесно би дошле до квалитетен високообразован кадар. Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола веќе го направи почетниот чекор и донесе акт – Правилник за практична настава, со кој се регулирани повеќе облици за вклучување на бизнис-заедницата во високообразовните процеси (облици сега се појавуваат и во нацртот на новиот закон за високото образование), како што се можност за дуално образование, изведување вежби од стручњаци од праксата итн“.
Што значи да се биде студент на УКЛО, дел од Европската универзитетска алијанса – КОЛОРС?
– Подетално за ова би можеле да кажат нашите студенти, јас само можам да кажам дека студентите на УКЛО во ништо не се маргинализирани во споредба со нивните колеги од другите универзитети членки на КОЛОРС-алијансата (од Германија, Франција, Шведска, Шпанија, Италија, Полска, Хрватска и Латвија). Напротив, во многу работи и предничат. Значи, студирањето на УКЛО е компатибилно со студирањето на кој било европски регионален универзитет од рангот на УКЛО.
Што очекувате од новиот закон за високо образование?
„Зголемување на квалитетот и на образовната и на научноистражувачката работа на универзитетите во Македонија. Тоа е неопходно. УКЛО не се плаши од мерки за подобрување на квалитетот на високото образование и науката или од давање отчетност за секој потрошен денар. Затоа уште на почетокот, пред два месеци, дадовме поддршка на нацртот на новиот закон. На УКЛО и сега факултативно се применуваат некои од решенијата што ги нуди нацртот на новиот закон за високо образование што резултира со напредок на сите полиња. Во последните три години зголемен е бројот на студенти на додипломски студии за 10 отсто и на последипломски студии за 50 отсто, бројот на објавени трудови со импакт-фактор во Веб од сајнс 200 отсто, приходите од меѓународни проекти се зголемени за 100 отсто и се историски највисоки, а со пет национални научноистражувачки проекти, кои моментно ги имплементира УКЛО, е веднаш зад УКИМ, рангиран е на сите (освен на Шангајската листа) светски водечки ранг-листи на универзитети (еден е од трите македонски универзитети што се рангирани на најпрестижните ранг-листи – QS и THE). Член сме на Европската универзитетска алијанса – КОЛОРС и во рамките на алијансата почнавме подготовка на заеднички студиски програми со два европски универзитети#.
На денот на празникот ќе доделите Ректорска повелба, кому ќе му припадне ова високо академско признание?
„За исклучителен придонес во развојот на Универзитетот во текот на мојот прв мандат (октомври 2022 – септември 2025) доделив три одликувања – Ректорски повелби. Двете (на проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска и проф. д-р Анка Петковска-Трајковска) беа врачени на одбележувањето на патрониот празник во декември 2025, а сега на отворениот ден ќе ја врачам и третата повелба на проф. д-р Горан Петровски, кој не можеше да допатува во Битола во декември. Проф. д-р Горан Петровски е офталмолог со меѓународна кариера, еден од водечките европски специјалисти за витреоретинална хирургија, клеточни терапии и напредна дијагностика на заболувања на мрежницата. Д-р Петровски ги раководи Центарот за истражување на очите на Универзитетот во Осло и Универзитетската болница во Осло, каде што води проекти што ја комбинираат офталмологијата со најсовремената биотехнологија, 3Д-инженерството на ткивата и вештачката интелигенција. Проф. д-р Петровски работел во водечки центри во Норвешка, Австрија, Словенија, Хрватска и Унгарија, постојано комбинирајќи ја клиничката пракса со транслационото истражување. Особено значајно за домашната академска заедница е што проф. д-р Горан Петровски oд 2023 година е активен член на УКЛО-мрежата, со што неговото меѓународно искуство и научните достигнувања претставуваат дополнителна вредност за развојот на македонското високо образование и научноистражувачката дејност на Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола“.
Какви приоритети имате во вториот мандат како ректор, кој почна во оваа академска година?
„Да продолжи трендот на раст што го наведов претходно и комплетно да се дигитализираат студентските сервиси“.
МИА






