Зголемена е потребата од старски домови кои ќе понудат топла средина која најмногу наликува на домашна атмосфера, но и простор каде што корисниците ќе добијат соодветна нега и грижа. Македонија не е имуна на европските трендови, населението старее, се менуваат традиционалните навики, дел од младите се преселни во западно-европските држави.
Домот за стари лица во Куманово, дом за над 170 корисници
Седумдесет и деветгодишниот Столе Крстиќ, самиот одлучил староста да ја помине опкружен со неговата генерација во старскиот сом „Зафир Сајто“ во Куманово. Тој е еден од 175-те корисници на услугите на домот во кој има 82 претежно двокреветни соби. Во општество што старее, грижата за повозрасните станува заедничка одговорност на семејството, институциите и заедницата.
„Во домот сум веќе околу шест месеци. Одлуката да дојдам тука ја донесов сам. Децата ми се во странство, а јас останав сам и сфатив дека вака ќе ми биде полесно. Сепак сум возрасен човек, знам што ми треба и не сакав да зависам од никого. Подобро е кога имаш грижа и услови, отколку да бидеш сам дома“, вели Крстиќ, поранешен вработен во „Кожара“.
Тој е задоволен од услугите, има три оброци, здравствена нега кога му е потребна. Речиси секој ден имаат одредени активности. Но, и самиот излегува со другарите и се шета во паркот и во Куманово.
„Доаѓаш од свој дом, од свој живот, и одеднаш си во нова средина со непознати луѓе. Треба време да се навикнеш. Но, со тек на време се создава некаква блискост, се запознаваш со луѓето, почнуваш да комуницираш, да се дружиш. Секој си носи своја приказна, но наоѓаме заеднички јазик“, вели Крстиќ.
Адаптацијата, најчувствителниот период
Преселбата кај старите лица е голема животна промена и може да предизвика страв, тага, чувство на загуба, односно напуштање на домот каде што поминале голем дел од својот живот.
„Загуба не само на физички простор туку и на независност, рутина и личен индентитет. Промената на животниот тек од онаа на што веќе имаат навика, сигурност и позната средина кај некои доведува до страв и паника. Кај другите големо олеснување поради сигурност и знаење дека ќе имаат сигурна грижа, социјализација, сигурност и топол дом кој, за жал, го немале дотогаш. Доживувањата се многу различни“, вели психологот Ивана Коцевска Стефновска од Домот за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово.
Времето на адаптирање зависи од самата личности, од здравствена состојба, но и животниот тек кој дотогаш го имал, како и соработката, односот со семејството при начинот на соопштување и соработка за самото сместување на лицето.
„Осаменоста кај старите лица е доста изразен и чест проблем, особено кај лица без континуиран семеен контакт со семејствата, или лица со ограничени способности, кај лица кои го изгубиле партнерот или пријателите, со намалена блискост во однос на емоционални врски“, вели Коцевска Стефановски.
Намалување на осаменоста бара активен пристап. Домот организира активности, социјализација, групна терапија, креативни работилници, музички и рекреативни настани за да ја намали осаменоста. Важно е и одржувањето на контакт со семејствотото, волонтерските посети, индивидуалните разговори, уважување на потребите и пружање на чувство на припадност, овозможување средината да ја доживеат како свој дом каде ќе ја почувствуваат хармонијата, мирот со голема љубов и топлина од лицата кои ги задоволуваат нивните потреби.
Домот меѓу потребите и можностите
Корисниците на Домот се возрасни на просечна возраст од 75 години. Нивната здравствена состојба варира од целосно независни корисници до оние со нагласена потреба од грижа и нега.
„Во однос на сместувањето сè почесто се бараат еднокреветни соби има и барања за сместување на лица кои имаат потреба од нагласена медицинска или палијативна грижа и нега, што пак, не е во целост со можностите на Домот како институција“, вели директорот на установата Дејан Стојановски.
Домот е установа којашто во основа овозможува институционално 24 часовно сместување, грижа и нега за корисниците. Сместувањето, условите за престој, исхраната се основните елементи за престој. Во услугата опфатена е и основна медицинска грижа и поддршка за корисниците, а во продолжение во Домот е овозможена психолошка поддршка и стручна работа изразена во индивидуален или групен пристап. Кумановскиот дом за стари лица, постојано има потреба од негуватели и друг стручен кадар.
„Домот со оглед на својот капацитет и пополнетост располага со едвај минимум потребен персонал и тука припаѓаат стручен работник психолог, физиотерапевт, медицински сестри, негуватели. Неопходниот кадар за оптимална реализација на сите потреби и предизвици е на елементарно ниво и е неопходно час поскоро доекипирање со нови сили и персонал кој е мотивиран за работа во ваков тип на установа“, вели Стојановски.
Домот е еден од најдобро опремените во Македонија, постојано се реконструира и се набавува нова опрема, мебел. Важна е и соработката и размена на искуство со сличните установи надвор од државата од каде што црпат искуства.
„Домот ги исполнува бараните услови, а за некои дури сме и понапред во однос на други слични установи. Многу често во Домот сме подложени на различни контроли во врска со тековното работење, а предвидени согласно законот за социјална заштита“, изјави Стојановски.
Од Домот најавија реконструкција на одделот геријатрија и уште два реони, набавка на медицинска опрема, опрема за работа на стручниот кадар, помагала.
Министерството за социјална политика, демографија и млади ја препознава потребата од повеќе сместувачки капацитети
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во Македонија има пет јавни установи за сместување на стари лица, две во Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, (Берово) со вкупно 663 легла. Покрај сместување на старите лица во јавни установи, сместување обезбедуваат и 38 приватни установи.
Вкупниот сместувачки капацитет во приватните установи е 1.609 легла. Лани, како што информираа од Министерството, склучени се договори со Општина Пробиштип за адаптација на дел од Здравствениот дом „Нада Михајлова“ во дом за стари лица со капацитет од 54 корисници, како и со Општина Кавадарци за изградба на нов дом со 57 корисници. Во Крива Паланка е одобрена реконструкција на објектот „Боро Менков“ за сместување на 20 лица, додека општините Кратово и Штип имаат поднесено проекти за адаптација на објекти во домови за стари лица, кои се во фаза на докомплетирање на документацијата. Преку програмата за капитални дотации, во Општина Кочани е во тек изградба на дом за стари лица со капацитет од 141 корисник, од кои дел се лица со посебни потреби.
Од Министерството информираат дека во текот на целата година е отворен јавен повик преку кој општините можат да аплицираат за изградба, доградба, реконструкција и адаптација на објекти за згрижување на стари лица, со цел зголемување на капацитетите и подобрување на услугите.
Со институционалното сместување во земјава опфатени се 0,5 проценти од вкупниот број стари лица, во однос на европските стандарди кои препорачуваат да бидат опфатени 3-5 отсто од старите лица. Надлежните нагласуваат дека овие установи не треба да се гледаат само како места за згрижување, туку како простори за живот. Предизвикот на општеството не треба да се насочи само да се обезбеди легло, туку да се создаде средина што ќе наликува на дом, со грижа, разбирање, активност и чувство на припадност.
МИА






