сабота, 25 април 2026

Хаотично деноноќие, тепачки во автобус, семејно насилство, напади врз малолетници

Од Шуто Оризари до Ченто, Гази Баба и Берово, пријави за физички пресметки, закани со оружје, семејно насилство и напади врз деца ја преплавија полицијата во последното деноноќие.

Објавено на

часот

Сподели

Една од највознемирувачките пријави пристигнала од Шуто Оризари, каде 24-годишната С.Д. пријавила дека во автобус била физички нападната од 63-годишниот Ш.С. од село Студеничани. Напаѓачот бил приведен во полициска станица, но драмата не завршила тука – само неколку часа подоцна, и самиот Ш.С. пријавил дека бил нападнат од братот на девојката, 21-годишниот С.Д.

Во Драчево, пак, полицијата во раните утрински часови привела 43-годишен скопјанец, откако неговата сопруга пријавила дека тој физички ја нападнал во нивниот дом. Семејното насилство повторно доби црна статистика, а институциите најавуваат соодветен поднесок.

Во населбата Ченто, ситуацијата добила уште поопасна димензија. Според пријавата, по претходен договор за средба, конфликтот ескалирал кога едно лице физички нападнало скопјанец, а потоа извадило пиштол и го вперило кон него. За среќа, оружјето било закочено. Но хоророт продолжил – при бегството, бил испукан и куршум кон оштетениот, кој за среќа не бил погоден.

Во Аеродром, банално недоразбирање во сообраќајот завршило со тупаници меѓу двајца 54-годишни скопјани, додека во Гази Баба, 31-годишна жена пријавила дека по расправија била физички нападната од 43-годишен маж.

Само неколку часа подоцна, уште еден напад бил пријавен во истата населба – 26-годишен скопјанец тврди дека бил претепан од познаник.

Ниту Карпош не останал поштеден. 22-годишно момче пријавило дека било нападнато со тврд предмет од непознато лице, а мајка пријавила дека нејзиниот малолетен син бил нападнат од друг малолетник.

Во Ѓорче Петров, пак, татко пријавил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат во парк.

И Берово влезе во црната хроника. Во казино избувнала физичка пресметка меѓу 39-годишен жител на село Митрашинци и 43-годишен обезбедувач.

Од полицијата велат дека работат на расчистување на сите регистрирани случаи.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ