Според студија објавена во списанието „Нејчр астрономи“, кометата 3И/АТЛАС е само третиот меѓуѕвезден посетител за кој е потврдено дека е во нашиот Сончев систем, а научниците проценуваат дека може да биде стара до 11 милијарди години, што е повеќе од двојно поголема старост од Сонцето, пренесува Асошиејтед прес.
Тимот, предводен од Универзитетот во Мичиген, ја користел опсерваторијата АЛМА во пустината Атакама во Чиле за да ја испита кометата минатата есен.
Залутаната, но безопасна ледена топка беше откриена минатото лето, давајќи им на НАСА и Европската вселенска агенција доволно време да насочат повеќе вселенски телескопи кон неа додека минуваше покрај Марс во октомври и беше најблиску до Земјата во декември минатата година.
Кометата сега е далеку зад Јупитер на пат да го напушти нашиот Сончев систем засекогаш, и сега е видлива само за професионалци.
Научниците во студијата изјавија дека откриле екстремно високи количини на деутериум, или тежок водород, во водата на кометата, што укажува дека таа се формирала на многу постудено место, дури и пред да се формира ѕвездата на овој сончев систем, изјави Тереза Панеке-Карењо од Универзитетот во Мичиген.
Првиот познат меѓуѕвезден објект што залутал во нашиот небесен двор – Оумуамуа, бил откриен со телескоп на Хаваи во 2017 година.
Откривањето на кометата 2И/Борисов следеше во 2019 година. Таа беше именувана по астроном аматер од Крим, кој прв ја забележал.






