понеделник, 27 април 2026

Признание за Фармацевтскиот факултет при УКИМ – Патент на годината 2025

Државниот завод за индустриска сопственост денеска, по повод Светскиот ден на интелектуална сопственост – 26 Април, му додели признание Патент на годината 2025 на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) за пронајдокот „Кумарин-1,2,3-триазол-изатин хибридни молекули и нивна примена“ во областа на медицинската хемија.

Објавено на

часот

Сподели

Пронајдокот се однесува на развој на нови хибридни хемиски соединенија со потенцијална примена во третман на невродегенеративни заболувања, вклучително и Алцхајмерова болест. Резултат е на научно-истражувачката работа на проф. д-р Ана Поцева Пановска и доц. д-р Александар Димковски, реализирана во рамки на истражувачките активности на Фармацевтскиот факултет.

Според ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, ова е воедно и прв патент на УКИМ во областа на медицинската хемија.

„Овој прв патент во областа на фармацијата и медицинска хемија е повеќе од научно достигнување. Тоа е потврда за посветеноста, знаењето и визијата што се негуваат во нашата академска заедница. Патентот отвора нови хоризонти во истражувањето и третманот на невродегенеративните заболувања, вклучително и Алцхајмеровата болест – предизвик со кој се соочува современото општество на глобално ниво. Овој патент не е само прв за Фармацевтскиот факултет, туку е и важен чекор за УКИМ во целина. Ја потврдува нашата научна зрелост и ја зајакнува нашата позиција како институција која активно учествува во создавањето иновативни решенија со реален општествен импакт. Нашата мисија останува јасна, да создаваме знаење кое ќе му служи на општеството и ќе придонесува за подобра иднина“, истакна ректорката во обраќањето.

Според директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Елјеса Незири, идеите на истражувачите не само што носат напредок, туку и инспирираат нови генерации да создаваат и да градат подобро и поиновативно општество.

„Секоја година на овој ден Меѓународната заедница го одбележува Светскиот ден на интелектуалната сопственост, посветен на препознавање на суштинската улога на интелектуалната сопственост во поттикнувањето на креативноста и иновациите. Во 2026 година темата од Светската организација за интелектуална сопственост е интелектуална сопственост и спортот. Оваа тема ја истакнува моќта на интелектуална сопственост како двигател на развојот на светот на спортот преку развој на нови технологии и опрема до инспиративни брендови и дизајни“, рече Незири.

Како што појасни проф. д-р Поцева Пановска, образложувајќи го пронајдокот, развиените соединенија делуваат како инхибитори на ацетилхолинестераза и бутирилхолинестераза, ензими кои имаат клучна улога во регулацијата на невротрансмитерот ацетилхолин. Пронајдокот базира на современ пристап во медицинската хемија односно дизајн на мултитаргет молекули, кои овозможуваат истовремено дејствување на повеќе биолошки цели. Овој концепт е особено значаен во развојот на нови терапии за комплексни заболувања, како што се невродегенеративните болести.

Пронајдокот и спроведеното истражување на Фармацевтскиот факултет отвора нови перспективи во развојот на терапии за невродегенеративните заболувања и поставува темел за идни научни и технолошки достигнувања.

„Се очекува ваквите резултати да придонесат за поголема меѓународна видливост на македонската наука и да отворат можности за нови соработки со истражувачки и индустриски партнери. Овој успех јасно покажува дека со знаење, посветеност и визија научните идеи може да се трансформираат во решенија со потенцијал за идни развојни и применливи резултати. Во моментот нашето истражување е во предклиничка фаза. Следните чекори се насочени кон продлабочување и проширување на истражувањето. Крајната цел е овие соединенија да прераснат од лабораториски резултат во реална терапевтска опција за пациентите“, рече д-р Поцева-Пановска во рамки на манифестацијата „Патент на годината 2025″.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ