Мета (57), кој беше уапсен во октомври 2024 година и е во притвор, е обвинет за „пасивна корупција“, „перење пари“ и „лажно пријавување на имот“, според специјалното албанско обвинителство за корупција и организиран криминал (СПАК).
Овој ветеран од албанската политика ги држеше најважните политички позиции во земјата. Најстарите обвиненија поднесени против него од обвинителите датираат од периодот кога тој беше министер за економија (2010-2011), додека другите се понови.
Мета ги негира обвинувањата и тврди дека тие се „исклучиво политички“.
На почетокот на рочиштето, тој побара од судот медиумите да го емитуваат судењето во живо.
„Од почит кон граѓаните на кои посветено им служев, го молам Специјалниот суд да обезбеди пренос во живо на целото судење“, кажа тој.
Тоа беше прво јавно појавување на човекот кој беше претседател на земјата од 2017 до 2022 година, година и пол по неговото апсење.
Читањето на обвинението не беше можно бидејќи рочиштето беше прекинато кратко по почетокот поради непојавувањето на мајката на поранешната сопруга на Мета, која исто така е обвинета.
Следното рочиште ќе се одржи на 11 мај, изјави судијката Етлева Деда.
Поранешната сопруга на Мета, 52-годишната Моника Криемади, поранешна пратеничка на неговата партија Слобода (лев центар), е обвинета за истите кривични дела.
Двајцата се осомничени дека се „вмешани во неколку кривични дела“ со други осомничени.
Криемади не е уапсена и се брани од слобода, но под судски надзор.
Избран за пратеник во 1992 година, една година по падот на комунизмот, Иљир Мета беше и премиер (1999-2002), министер за надворешни работи (2009-2010) и претседател на парламентот (2013-2017), пред да биде избран за претседател на државата, што е во голема мера церемонијална должност.
Борбата против организираниот криминал и корупцијата е еден од главните услови за пристапување на Албанија во Европската Унија.






