понеделник, 27 април 2026
На судењето за трагедијата во Кочани

Обдукции, вистина и вина: 1.400 материјални докази од утре се отвораат во судница да покажат зошто загинаа 63 лица во Пулс

Над 1.400 материјални докази од утре ќе се отворат во судница во продолжение на постапката за најголемата трагедија во државава, трагедијата во Кочани во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. На утрешното судско рочиште во судницата во Идризово ќе се отворат обдукциските наоди и ќе се прочитаат причините за смртта на оние кои загинаа лани во март на концертот на ДНК.

Објавено на

часот

Сподели

Тимот обвинители кои го застапува обвинителниот акт во кој на 35 физички и три правни лица им се суди за тешки дела против општата сигурност на брифинг со новинарите посочи дека со материјалните докази кои ќе ги презентираат во судница нема да докажуваат дека настанала искра, туку многу повеќе, односно дека има и многу други околности кои се причина за смртта на децата, како и дека оние кои се обвинети можеле тоа да го спречат.

Од ОЈО Скопје појаснуваат дека е точно дека сите обвинети се гонат за исто кривично дело, но велат дека за секој има различен опис, а најдобар патоказ дека обвинителниот акт е поткрепен со докази, велат дека беше воведниот говор на Обвинителството кој беше даден на првото рочиште за овој процес.

„Кочани боли и пече и никогаш нема да се излечи, а оние кои се овде во судница го пресметувале профитот пред санкциите“, беа зборовите со кои обвинетелот Борче Јанев лани во ноември го започна воведниот говор за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Емотивниот и силен говор на обвинителот кој даде порака дека кога затајуваат институциите и поединци се борат незаконски за профит, може да доведе до трагедија, беше показател за еден трул систем.

„Во Кочани не изгоре само објектот, туку изгоре и илузијата дека одговорните институции се тука кога се потребни. Овде изгоре и иднината на млади луѓе кои сакале само радост и забава. Мораме на вистината да ѝ погледнеме во очи и да се соочиме со оваа трагедија. Мора да одговориме кој пресмета профит и пресмета молк наместо санкција? Злодело е поставувањето на овој објект кој бил буре барут, а искрите имале каде да потпалат и да уништат толку судбини”, рече тогаш во својот воведен говор обвинителот Јанев. Тој нагласи дека „Пулс“ немаше да биде масовна гробница, ако сите постапеа како што треба.

Обвинителот Јанев во судницата посочи дека трагедијата била „целосно предвидлива“ и дека институциите со години ги игнорирале безбедносните ризици.

„Нашиот народ знае да каже: ‘Подобро да се спречи, отколку да се лечи’. Тоа е есенцијата и на превентивното безбедносно делување. Но во овој настан, за жал, последиците се неизлечиви, затоа што никој никогаш не се ни обидел да ги спречи,“ рече лани во судницата обвинителот Јанев.

Денес на брифингот со новинарите, тимот обвинители посочи и дека за работењето на Пулс немало никогаш ни усна, ни анонимна, ни кривична пријава и дека обвинителите не се инспекција, а и да прашале дали имал објектот дозвола, ќе им било одговорено потврдно.

Во врска со исказите на сведоците дека обезбедувачите спасиле многу животи, обвинителите велат дека тие тоа не го спорат, туку спорно е зошто се довеле во ситуација да спасуваат.

Велат дека тие во овој процес докажуваат кој можел, а не спречил да загинат децата во Кочани и да ни се случи масовна трагедија.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Судењето продолжува утре со доказна постапка.

К.Д.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ