понеделник, 27 април 2026

Мерц: Украина можеби ќе мора да отстапи територија за патот во ЕУ

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека Украина може да биде принудена да прифати губење на контролата врз дел од својата територија во иден мировен договор со Русија. Тој директно ги поврза таквите отстапки со нејзините перспективи за членство во Европската Унија, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во одреден момент, Украина ќе потпише договор за прекин на огнот, а се надеваме, во одреден момент, и мировен договор со Русија. Тогаш може да се случи дел од украинската територија повеќе да не биде украинска“, кажа Мерц денес за време на разговор со учениците од средното училиште Каролус-Магнус во Марсберг.

„Ако претседателот (на Украина Влодимир) Зеленски сака да му го претстави тоа на својот народ и да добие поддршка од мнозинството, и ако треба да се одржи референдум за тоа, тогаш во исто време мора да му каже на народот: „Ви го отворив патот кон Европа“, додаде тој.

Напредокот на Киев на патот кон ЕУ беше блокиран од унгарскиот премиер Виктор Орбан долго време, но неговиот пораз на изборите претходно овој месец ги зголеми надежите за продолжување на процесот. Украина моментално има статус на земја-кандидат за членство во ЕУ.

Мерц, сепак, предупреди дека не треба да се имаат превисоки очекувања за брз пристап. Тој нагласи дека Украина не може да се приклучи на блокот додека е во војна и дека прво мора да исполни строги критериуми, особено оние поврзани со владеењето на правото и борбата против корупцијата.

„Идејата на Зеленски за пристапување во ЕУ на 1 јануари 2027 година нема да се оствари. Дури и 1 јануари 2028 година не е реалистичен датум“, оцени Мерц.

Како алтернатива, тој предложи воведување преодни чекори, како што е доделување на улога на набљудувач на Украина во институциите на ЕУ. За тој предлог, како што тврди, добил широка поддршка од европските лидери на самитот одржан на Кипар од 14 до 20 април, на кој присуствуваше и Зеленски.

Во истиот период Европската Унија ѝ одобри на Украина заем од 90 милијарди евра, кој ги покрива поголемиот дел од нејзините финансиски потреби до крајот на 2027 година. И покрај ова, членовите на блокот сè уште се поделени околу динамиката на преговорите за пристапување со Киев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ