Од Центарот за социјална работа во Гевгелија велат дека немаат формална статистика колку од младите користеле или користат наркотични средства, бидејќи како институција ги евидентираат лицата кои веќе имаат развиено зависност.
„Услугата за третман и рехабилитација ја спроведува терапевтската организација ‘Покров’ од Струмица и од 2020 година имаме сместено 12 лица од кои 10 корисници зависници од дрога, а две од алкохол. Но нашите сознанија кои се добиени од директна работа со децата и нивните родители се дека значителен дел од малолетните лица во општина Гевгелија експериментираат со психотропни супстанци, особено со марихуана и синтетичка дрога. Најчесто употребувана супстанца кај младите е марихуаната, која е лесно достапна и често присутна на забави, и воопшто овие супстанци се лесно достапни, прилично ефтини и се користат во контекст на групни собири, викенд забави итн. Исто така и употребата на алкохол е на доста високо ниво и е доста честа особено за време на викенд забавите“, соопшти на седницата претставник од Центарот за социјална работа.
Од оваа институција информираа дека најчесто работат со зависниците кога има пријави за семејно насилство, при што мерките се извршуваат преку судот и од таму предложуваат нивно лекување во соодветна установа.
Според специјалистот психијатар Сашко Цветковиќ од Општата болница со проширена дејност во Гевгелија, причина за употребата на дрога кај младите е љубопитноста и припаѓањето на одредено друштво што се карактеристики за младите во периодот на тинејџерството и возраста од 12 до 16 години. Тој вели дека во болничките установи овие лица доаѓаат кога се на возраст над 18 години, а првите контакти со дрогата секогаш на почетокот им биле со марихуаната.
Од Психијатриската болница во Негорци, која освен Гевгелија покрива уште неколку градови, на седницата на Советот соопштија дека кај нив не се лекуваат лица под 18 години, додека во изминатата година болнички лекувале 22 наркозависници, од кои половината се на возраст од 20 до 34 години, а останатите се над 35 годишна возраст. „Од овие пациенти не се сите со живеалиште во Гевгелија, а од новорегистрираните 11 пацинети во 2025 година, четворица се од нашата општина. Сепак, реалната бројка е далеку поголема од онаа која што е прикажана кај нас, односно сите не се јавуваат на лекување во нашата установа, туку одат и во дневните центри за наркозависници. Но бројката на овие лица од година во година се зголемува“, информира директорот на болницата, Сашко Стојиловски, кој посочува дека за младите под 18 години често семејствата прибегнуваат кон вонинституционално лекување, поради малиот одзив кај домашните институции и тоа што овие случаи се третираат само на Детска психијатрија во Скопје.
МИА






