Како што е наведено во нотата, оваа конференција е организирана од граѓанскиот сектор, но со претставници на хрватските власти, објави сараевскиот портал Кликс.
„Министерството посочува дека за време на споменатиот настан биле изразени ставови кои имплицираат аспирации кон промени во уставното уредување на БиХ, кои ги смета за недозволиви и спротивни на нејзиниот уставен поредок“, се наведува во нотата на Министерството за надворешни работи на БиХ.
Се нагласува дека Босна и Херцеговина „останува цврсто посветена на заштитата на својот суверенитет и територијален интегритет и верува дека ваквите пораки не придонесуваат за добрососедски односи или заемна доверба“.
Се проценува дека граѓаните на Босна и Херцеговина се вознемирени и загрижени од изјавите дадени за време на конференцијата.
„Очекуваме официјална реакција од надлежните институции на Хрватска, вклучително и јасно отфрлање на изразените ставови. Министерството нагласува дека наведените изјави се неприфатливи и за осуда“, пишува во дипломатската нота. Тие исто така наведоа дека изјавите, кои претпоставуваат територијална реорганизација на БиХ, можат негативно да влијаат на околностите во земјата, оценувајќи ги како штетни за регионалната стабилност, како и за билатералните односи меѓу БиХ и Хрватска.
„БиХ останува посветена на европската и евроатлантската интеграција, нагласувајќи дека евентуалните уставни реформи можат да ги спроведат исклучиво нејзините институции, во согласност со пресудите на Европскиот суд за човекови права, препораките на Венецијанската комисија и стандардите на Европската конвенција за човекови права“, се истакнува во дипломатската нота, потпишана од министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Елмедин Конаковиќ.
На конференцијата Традфест во Загреб, меѓу другите, учествувал и советник на хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.






