На прашањето на новинарите дали Европа ги ризикува сопствените интереси со тоа што не се вклучува во дијалог со Русија додека Соединетите Американски Држави водат дијалог, Калас одговори дека во моментов не гледа никакви знаци дека Русија е подготвена за значајни разговори и затоа Европејците не треба да ги бараат.
„Не треба да се понижуваме и да бидеме оние што молат: „Ве молиме, ве молиме, разговарајте со нас“. Наместо тоа, треба да ги ставиме во позиција каде што ќе преминат од лажни преговори на вистински преговори“, порача Калас по состанокот на Нордиско-балтичките осум (НБ8).
Таа објави дека министрите за надворешни работи на ЕУ ќе се сретнат на Кипар за да разговараат за барањата кои блокот ќе ѝ ги постави на Русија за окончување на војната против Украина.
„На Кипар планираме да разговараме со министрите за надворешни работи на Европската Унија за тоа каков е нашиот став и какви се нашите барања кон Русија по завршувањето на оваа војна. Целта е да се осигураме дека Русија повеќе нема да претставува закана за ниту една од овие земји или за Европа како целина, бидејќи тоа беше проблем. Затоа, пред да разговараме со нив, навистина мора да се согласиме за што сакаме да разговараме“, објасни таа.
Оваа изјава доаѓа откако естонскиот претседател Алар Карис изјави дека европските земји веќе треба да ги испланираат своите активности за периодот по завршувањето на конфликтот во Украина, како и моделот на односи со Русија, бидејќи тоа може да се случи брзо и неочекувано.
Карис изнесе и мислење дека Европа згрешила што ја пропуштила можноста да започне мировни преговори со Русија на самиот почеток на војната, по првиот клучен успех на Украина во одбраната на Киев.
Поради овие изјави, естонскиот претседател беше критикуван од некои од локалните политичари. Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна кажа дека ставот на Карис е спротивен на надворешната политика на земјата.






