четврток, 30 април 2026

Индија сака да пушти крокодили и отровни змии на границата со Бангладеш

Индиските власти предложија план во речните делови од границата со Бангладеш, каде што е тешко да се постави ограда, да се пуштат предатори како крокодили и отровни змии. Тие треба да послужат како природна бариера за нелегалната миграција и шверц.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Границата меѓу Индија и Бангладеш, која е долга 4.096 километри, поминува низ некои од најтешките терени, а Њу Делхи заклучил дека некои делови е невозможно да се оградат. Во интерен меморандум од 26 март, индиските гранични безбедносни сили (БСФ) им наредиле на своите трупи да ја истражат „изводливоста на користење влекачи во ранливите речни процепи“. Овој потег на владата ги вознемири активистите за човекови права и за заштита на дивите животни, пишува Ал џезира.

Во неодамнешниот меморандум БСФ им наложил на своите гранични единици „строго придржување“ кон упатствата за „истражување на употребата на влекачи во речните процепи“. На службениците им било наредено и да известуваат за „преземените мерки“. За ова прв известил регионалниот весник Нортист њуз.

Министерството за внатрешни работи во својот извештај од минатата година навел дека БСФ, и покрај тешкиот терен, вредно ги сузбива нелегалните прекугранични активности и миграцијата на луѓе без документи од Бангладеш.

„Одредени проблематични области како што се речните и низинските зони, населбите во близина на границата, нерешените случаи на откуп на земјиште и протестите на пограничното население го забавија поставувањето на оградата на некои делови од оваа граница“, се наведува во извештајот.

Аналитичарите и активистите изразија загриженост за можноста за користење опасни животни како крокодили за одвраќање на бегалците и мигрантите. „Ова би било смешно ако не беше злобно и опасно“, вели Ангшуман Чудури, истражувач специјализиран за североисточните и источните гранични држави на Индија.

„Откако ќе пуштите отровни змии и крокодили, тие нема да можат да кажат дали некој е Бангладешанец или Индиец“, додава Чудури. „Ова е врвот на суровоста и дехуманизацијата кон мигрантите без документи. Сосема нов начин на претворање на природата и животните во оружје против човечките суштества. Тоа е биополитичко насилство од нов вид и Ахилова пета на границата меѓу Индија и Бангладеш“, изјави тој за Ал џезира.

Индиската влада долго време тврди дека мигрантите без документи претставуваат закана затоа што ја менуваат демографската слика на Индија. Медиумите неколкупати објавуваа дека службеници на БСФ под закана со оружје физички ги туркале индиските муслимани во Бангладеш.

Нема официјална статистика за бројот на мигранти без документи во Индија. Иако овој месец почна нов попис на населението, последниот бил спроведен во 2011 година. Дури и ако бројот на недокументирани мигранти расте, Индија се одлучи за „вонсудски методи“ наместо да соработува со владата на Бангладеш и да ги следи законските постапки за нивно предавање, вели активистот за човекови права Харш Мандер.

Идејата за пуштање крокодили и отровни змии во граничните области, според него, е само продолжение на вообичаената политика кон индиските муслимани. Патем, крокодилите не се автохтон вид во речните области долж границата меѓу Индија и Бангладеш, изјави за Ал џезира Ратин Барман, раководител за стратегија во Вајлдлајф траст оф Индија.

Ако ги преселат во пограничните области, тие можеби нема да преживеат, вели Барман. „Како прво, тие набрзо би угинале“, кажа тој. „Истото важи и за отровните змии“, додава, предупредувајќи дека „секоја манипулација со природното живеалиште на видовите“ не е добра.

„Ако го наметнеме тоа, можеме да го нарушиме целиот синџир или екосистем“, предупредува Барман. „Загрижен сум за другите суштества кои имаат еднакво право да живеат на овој свет и во тие области“.

„Овој вид политика ја одразува суровоста на индиската држава“, вели активистот за човекови права Мандер. „Нема причина да се изложува мигрант без документи во река на крокодили и змии, или на закана со оружје“, додава тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ