Во својот јавен повик таа апелира граѓаните да се приклучат преку платформата за петиции.
„Јас не барам и не примам пари. Барам само ваша поддршка и потпис“, посочува Петрушевска, додавајќи дека опцијата за донации на платформата е стандардна, но не е дел од нејзината иницијатива.
„Ако ова не можеме, тогаш навистина ќе ми се потврди дека сте херои само на тастатура“, наведува Петрушевска.
Како аргумент за својата иницијатива таа посочува примери од повеќе држави кои веќе воведуваат рестрикции за користење социјални мрежи од страна на малолетници.
Во Австралија, од ноември 2024 година, е воведена целосна забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години, при што платформите се соочуваат со високи казни доколку не ја спроведат. Франција воведе т.н. „дигитално полнолетство“, со граница од 15 години и задолжителна родителска согласност за помладите корисници, додека воедно е забрането користење телефони во училиштата. Во Данска се разгледува зголемување на старосната граница за дигитална согласност, како и построга регулација на алгоритмите што ги таргетираат децата. Во делови од САД, како Флорида и Јута, веќе се применуваат ограничувања – забрана за деца под 14 години и воведување родителска контрола и временски рестрикции за користење.
И во Македонија е отворена дебатата за влијанието на социјалните мрежи врз младите, особено во контекст на врсничко насилство и онлајн злоупотребите.






