Делчев тргна по патот на една сурова неизвесност, борејќи се на неколку фронта: против владеачкиот султански режим за слобода на Македонија; против надворешното мешање во македонската борба; и против низа предавници на македонското револуционерно дело. Притоа бил бескомпромисен во ставот дека „ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание“. И дека тоа мора да биде дело на самите Македонци.
„Гоце беше човекот што со голем хероизам го штитеше македонскиот народ, а неговите идеали се идеали на сите Македонци…“ (Димитар Влахов). „Кога се говори за Гоцета Делчев, треба секогаш да се има предвид, дека тој не наметнува свои програми или погледи, туку пред сè, и над сè е изразител на желбите и стремежите на народот, народен глас и народна тупаница…“ (Гане Тодоровски).
Заедно со историската заслуга, неговите современици неподелено ги посочуваат и неговите човечки квалитети – пленел со својата преданост, добрина, искреност и срдечност, знаел да разбере, да прости и да се обиде да ги превоспитува оние кои тргнале во спротивен правец од чесноста и борбата.

„Во Гоце Делчев, простиот македонски човек виде не само идеолог, што ја сфаќа неговата тешка положба, ами собрат што ја носи неговата судбина“. (Блаже Коневски).
Делчев бил прифатен и почитуван како неформален водач и најголем авторитет во МРО. Бил нешто повеќе од главен командант, а соборците му се потчинувале доброволно. За тоа Георги Баждаров запишал: „Ние сами, по своја желба и по свој избор станавме војници на Македонија, ние сами, доброволно, го признававме Гоце за свој началник, зашто тој беше најстариот војник доброволец, најхрабриот, најсмелиот, најпреданиот на Делото, најискусниот меѓу борците, но и најскромниот. Затоа тој беше повеќе од генерал, од армиски командант, тој беше општопризнат и сакан од сите водач на револуционери патриоти“.
Како изразител на желбите и стремежите на народот за слобода и правда, како неуморен организатор на борбата за слобода и противник на врховизмот, Делчев станал легенда уште за времето на својот живот. Таа негова аура ќе живее низ идните генерации македонски револуционери кои ќе го понесат знамето на македонската ослободителна борба.
„По македонските планини во текот на тешката народно ослободителна војна се виореа знамиња на партизанските единици на кои беше испишано името на Гоце Делчев и борците умираа пеејќи ги неговите песни.” (Виктор Аќимовиќ)
Зборувајќи пред раководителите од Костурскиот и Леринскиот револуционерен реон, на 24-25 јануари 1902 година, меѓу другото, Делчев истакнал: „Никогаш не заборавајте дека ние не си припаѓаме себеси. Нашиот живот веќе е пожртвуван пред олтарот на делото, и кој од вас ќе го загуби тоа сознание, тој престанува да биде револуционер. И така, нека не се плашиме од смртта. Каде и да нѐ најде, да ја пречекаме со презир и да ја победиме“.
Гоце Делчев ја победи смртта и продолжи да живее во македонското паметење. Без него ќе беше многу посиромашен и македонскиот дух и националната гордост. Затоа сакаат да го присвојат оние кои ги презираше.
Виолета Ачкоска, историчар












