„Најголемата опасност за трансатлантската заедница не се нејзините надворешни непријатели, туку континуираниот распад на нашиот сојуз. Сите мора да направиме сè што можеме за да го свртиме овој катастрофален тренд“, изјави Туск денес на мрежата Икс.
Ова не е прв пат полскиот премиер гласно да изрази загриженост за судбината на НАТО поради чекорите што ги презема сегашната американска администрација, иако секогаш нагласува дека треба да се вложат напори за одржување на трансатлантските врски.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, уште пред веста за можно повлекување на американските војници од Германија, изјави синоќа дека е сосема можно американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече американските трупи од Италија и Шпанија, кои не му ја обезбедија поддршката што ја бараше во војната со Иран.
“Се плашам дека, за жал, тоа е сериозно. Би било подобро разговорите на сојузниците за стратегијата да се водат преку доверливи канали. Јавните не помагаат. Му даваат надеж на Путин дека ќе го разбие нашето единство и тоа не ме радува”, рече Сикорски во интервју за полска приватна телевизија.
Полскиот министер за надворешни работи предупреди дека е во интерес на Полска што поскоро да ја деблокира пловидбата низ Ормускиот теснец, кој е блокиран од двете страни, бидејќи Полска купува гас и од Катар и има долгорочни договори, но нема испорака на гас поради блокадата на теснецот.






