Ова втора сезона од „европеизацијата“ е сѐ уште во тек, но денес нема да зборувам за неа. Денес е денот што во мојот дом, на моето работничко семејство (татко работник и мајка домаќинка) беше вистински празник. Многу нешта поврзани со некогашна Југославија (и социјалистичка Македонија во нејзини рамки) се или заборавени или ревидирани до непрепознавање. На пример, може ќе слушнете дека религијата била забранета во тој „лош комунизам“ и луѓето морале кришум да ја практикуваат верата. Чиста невистина! Еве ви личен пример, кој секако не беше единствен во она време: татко ми и неговиот постар брат работеа во истата печатница на весникот „Нова Македонија“, но се разликуваа по многу нешта. Една од тие разлики беше, на пример, љубовта на татко ми кон книгите и поезијата, и тоталната неспретност која требаше макар еден клинец да закова во домот. Обратно, неговиот брат беше талентиран за сите тие практични работи и сѐ што можеше да направи со свои раце, дури и ако немаше учено занает. Нашите две семејства живееја не само на истата улица, туку и на раздалеченост од само 50-тина метри. Бевме блиски, особено ние децата, а и нашите мајки. Браќата немаа многу заеднички нешта што ги поврзуваа за разговор, но се почитуваа.
Една од разликите во нашите семејни традиции беше токму религијата: тие беа верници и јавно и свечено ги одбележуваа сите христијански празници. Ние бевме семејство на атеисти (дури мислам дека не бевме ни агностици). Но, секој Велигден мојата сакана стрина првите и најубави шарени јајца ќе ни ги понудеше мене и на брат ми. Ние одевме на гости тој ден кај нив. За одредено време, зависни од пролетниот календар, тие доаѓаа кај нас: на прослава на Први мај. Слично беше и на есен/зима, кога тие доаѓаа кај нас дома на прослава на Денот на Републиката (раѓањето на СФРЈ во 1943 во градот Јајце), најголемиот државен празник, а ние потоа возвраќавме со посета за Божиќ, нивниот најголем семеен ден.
Да, повторно зборувам со носталгија за минатото (веројатно затоа што веќе стареам, а велат тоа била карактеристика на повозрасните – сѐ почесто да ги оживуваат спомените).
Иако по осамостојувањето мојата земја, Македонија, веројатно по некаква инерција го задржи Први мај како државен празник, и брзиот поглед на листата на државните празници покажува дека доминираат верските (а Македонија е мултиконфесионално општество, па можете да замислите колку се слави во оваа сиромашна земја и колку спас се бара од „оној горе“). Освен тоа, во поранешна Југославија Меѓународниот ден на трудот беше еден од празниците кои се славеа два дена: едниот беше посветен на церемонијални чинови, награди за најдобрите работници, собири и слично, а вториот беше редовно ден за одење во природа. Традицијата велеше дека тоа потекнува од времето кога ваквите пролетерски прослави и протести биле забранети, па пикникот во шума бил соодветен начин да се наздрави во убава атмосфера и надвор од погледите на полицијата. Понекогаш 2 Мај беше порадосно дочекуван од претходниот протоколарен ден. Многу поважно од сѐ беше еден друг факт: официјалната идеологија зборуваше за „диктатура (поточно власт) на пролетеријатот“, значи мнозинството на работничката класа беше власт и го градеше општеството од нула (особено по разурнувањата од Втората светска војна). Ние растевме со систем на вредности во чиј центар беше почитувањето на трудот. Знаевме дека само преку труд (вложен во учење во школо, кај занаетчија или на друг начин) го градиме општеството, обезбедуваме егзистенција и сме горди на сработеното. Накусо, тој што беше вреден и награден за вложениот труд, тој беше пример за останатите. Не беше срамно да си од работничко семејство, не ти се подбиваа ако вложуваше повеќе труд, некако сите растевме од „нула“ – зошто буржоазија едвај и да имаше. Подоцна, за жал, се создаде црвена буржоазија – од оние кои го претставуваа пролетеријатот во водечките тела во државата и добиваа привилегиран статус, се раѓаше нова генерација која ја викавме „наше дете“ (поточно, нивно дете). Тие нивни деца имаа отворени порти и кога не вложуваа труд. Ние останатите моравме да бидеме петпати подобри од нив – што за среќа не беше тешко, но тоа не значеше дека ќе ја добиевме заслужената позиција.
Сеедно, во тие формативни години за општеството и за децата, трудот беше славен и ценет. Како минуваа годините, а социјализмот застрануваше по некои чудни патеки, нови „вредности“ станаа поценети. На пример, ако без труд, со снаоѓање, со итроштини или со „врски“ (со привилегираните фамилии). Така, за жал, и умните и вредни деца почнаа да се чувствуваат како „идиоти“ што очекуваат со труд да успеат во животот. Тоа го гледав од генерација во генерација и меѓу моите студенти, но успевав кај оние од пониските социјални слоеви да им ја всадам мислата дека трудот и работата на себе се исплати – и лично и општествено. Од тие што ме послушаа излегоа брилијантни умови, ама ене ги работат во туѓи држави.
По „ослободувањето“ од социјализмот, нештата тргнаа удоле, во секој поглед. Криминална приватизација создаде криминална елита, таа се преобрази или инфилтрира во политичката (повеќепартиската), и матрицата на трудот почна да се девалвира. Сега евентуално протестираат синдикатите, кои едвај и да постојат, а богами и работничка класа нема – се претвори или во прекаријат или замина од земјата. Сега власта увезува работници од Непал, Филипини, Индија – но и тие не сакаат да работат во понижувачки услови во сиромашна земја. Така, Први мај стана празен. Неработен ден, и уште поубаво ако е петок, па се спојува во продолжен викенд. На значењето на трудот и сеќавањето на славните денови кога од беда и сиромаштија се граделе модерни општества, се сетив кога првпат стапнав во градот Јинан во Кина во 2024. Првата утринска посета беше во фабрика за специјализирани возила за градежништвото, а мене најмногу ме импресионираше што уште од самиот хол изгледаше дека влегуваме во музеј. Луѓето се гордееја од каде тргнале и каде стасале! Производните хали чисти, со собни цвеќиња, со работници кои вршат полесни задачи затоа што потешките им ги носат роботизирани машини, цел блок на млади луѓе кои работат на компјутери. Изгледаше речиси нестварно! Подоцна сфатив дека не е поразлично и во многу други места и градови.
Утрово брзиот поглед на социјалните мрежи ми покажа дека ние што сѐ уште го славиме Први мај сме расеани ширум светот, и сите сме редум левичари. За нас, битката на пролетеријатот (и желбата за негово обединување против неправедниот експлоататорски и милитантен капиталистички систем) е далеку од завршена. Кога ја гледам сегашната владејачка каста и нејзината „административна армија“, гледам земја која е на распродажба. Тукушто склучивме „стратегиски договор“ со САД во кој им е дадено зелено светло за експлоатација на она малку што остана во оваа мала земја: некои ретки минерали (чија експлоатација ќе доведе до уништување на животната средина), посед врз артефакти случајно откриени, експлоатација на плодната почва за фотоволтаици, водата за пиење итн.
Во времето во кое растев, класата на работниците не беше само вредна (а богами и мотивирана, моите родители работеле на доброволни акции за изградба на патишта и друга инфраструктура). Таа беше сметана и за револуционерна. Сега е невидлива, исплашена, сотрена…
Јас навистина не знам што има овде да се слави. Освен спомените од времињата кои покажаа дека со труд и волја може од ништо да се изгради нешто, но и да се честита на таквите како кинеските работници кои имаат што да слават. И на нивната младина која знае дека најдобрите напредуваат и сѐ што доаѓа во животот се заслужува со сопствено вложување и развивање. Во земјите од глобалното мнозинство има многу повеќе жар и желба за промени и за отпор кон окупаторите и експлоататорите. Можеби од сето ова заедно, може да се создаде и обнови повикот „Пролетери на сите земји, обединете се“ – првенствено против оние кои нашиот труд го користат за војни од кои профитираат. Класната битка е нужно и битка за мирен и поправеден свет.
Нека живее Први мај!
Билјана Ванковска










