По повод иницијативата која српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама ја изнесоа во заеднички текст за Франкфуртер алгемајне цајтунг, Кос кажа дека „двајцата политичари веројатно знаат дека за членство во заедничкиот пазар и Шенген треба да се исполнат многу нешта во областа на владеењето на правото“.
„Значи, нема попуштање“, кажа Кос, одговарајќи на прашања по предавањето што го одржа на Универзитетот во Фрибург во Швајцарија на 30 април.
Таа додаде дека во ЕУ се води дебата за тоа дали актуелната методологија за проширување е соодветна за сегашното време и дали се можни некои специфични аранжмани и постепена интеграција, но дека нејзината улога како комесарка за проширување е да ги подготви земјите да станат полноправни членки.
„Значи, нема „лајт“ членство, нема половично членство, има само полноправно членство или ништо. И можете да станете член, ако исполните сè“, нагласи таа.
На прашањето како политичката криза во Србија влијае на процесот на пристапување, Кос кажа дека Србија назадува во многу области, поради што нејзините плаќања од Планот за раст се запрени.
„Србија денес е многу поларизирана. Таа е кандидат за членство во Европската Унија повеќе од десет години. За жал, видовме, гледаме дека назадува, особено кога станува збор за вредностите за кои зборував претходно – владеењето на правото, демократијата, слободата на говорот и, особено, слободата на медиумите. Србија има иднина во Европската Унија, но курсот мора да се промени или посилно да се изрази во постапките на политичарите“, изјави таа.
Кос додаде дека геополитичката ориентација е исто така проблем.
„Имаме правило дека пред да стане членка на ЕУ, земјата мора целосно да се придржува кон надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Ова значи дека не можете да седите на две столчиња. Во одреден момент, Србија ќе мора да одлучи што е најважно за развојот“, оцени таа.
Кос нагласи дека ЕУ сака да помогне, но дека и Србија ќе мора да дејствува.
„Засега ги суспендиравме сите плаќања од Планот за раст, бидејќи повторно се враќа назад во судството и додека не го поправат, нема да можат да добијат финансиска поддршка од ЕУ“, заклучи Кос, одговарајќи на прашања од членовите на дипломатскиот кор по предавањето на Универзитетот во Фрајбург по повод Денот на Европа.






