Среде прашањата за тоа дали Ален пукал од своето оружје пред да биде совладан, Џанин Пиро, главната федерална обвинителка во Вашингтон, објави монтирано видео од инцидентот од безбедносните камери во пост на социјалните мрежи.
Во описот на објавата, Пиро тврди дека видеото го покажува Ален како ја разгледува локацијата на хотелот ноќта пред вечерата во саботата, а потоа пука во агент на Тајната служба додека тој поминува низ детектор за метал на контролниот пункт, додека полицајците биле во процес на отстранување на барем еден од двата магнетометри кои се користат за проверка на гостите.
Пиро во описот на објавата тврди и дека нема докази дека агентот, кој носел панцир, бил погоден од пријателски оган.
Видеото, кое е забавено на некои места и обележано со напомени, веќе е доставено до окружниот суд на САД пред кој е обвинет Ален, изјави Пиро. Снимката нема звук.
Today, we are releasing video already provided to U.S. District Court showing Cole Allen shoot a U.S. Secret Service officer during his attempt to assassinate the President at the White House Correspondents’ Dinner.
There is no evidence the shooting was the result of friendly… pic.twitter.com/a8gRXkW6BH
— US Attorney Pirro (@USAttyPirro) April 30, 2026
Иако на снимката се гледаат четири блесоци од цевката на пиштолот на агентот додека пукал кон Ален, не е веднаш јасно дали видеото го покажува Ален како го испукува куршумот откако го насочил оружјето кон агентот.
Видеото беше објавено кратко откако директорот на американската тајна служба Шон Куран изјави за Фокс њуз, поранешниот работодавач на Пиро, дека Ален не бил запрен од пукањето на Тајната служба, туку од кутија користена за транспорт на детектор за метал, на која се сопнал додека трчал низ контролниот пункт пред местото на настанот.
Куран потврди дека Ален не бил погоден од ниту еден од петте истрели испукани кон него од агент на Тајната служба.
„Се чини дека осомничениот, додека полицаецот дејствувал врз него, удрил една од нашите кутии со магнетометар со коленото и почнал да паѓа на земја“, кажа Куран.
Куран го повтори и тврдењето на владата дека Ален пукал прв, погодувајќи го агентот кој возвратил на оган, но тоа тврдење беше оспорено од јавните бранители кои го застапуваат Ален, како и од видео анализа на снимки од безбедносните камери од Вашингтон пост, која документирала само четири испукани истрели, сите од агенти на Тајната служба.
Во писмо до федералните обвинители кои ги поднеле обвиненијата против Ален, јавните бранители кажаа дека вршителот на должноста државен обвинител Тод Бланш сугерирал дека владата сè уште работи на добивање балистички докази дека агентот на Тајната служба, идентификуван со иницијалите В.Г., бил погоден од истрелот на Ален.
Во понеделникот Ален беше обвинет за обид за атентат врз претседателот на Соединетите Американски Држави, транспорт на огнено оружје за извршување кривично дело и незаконско исфрлање на огнено оружје за време на насилство. Ален, инструктор од Торанс, Калифорнија, сè уште не се изјаснил за вината во случајот.
Тој вчера се согласил да остане во федерален притвор додека трае неговиот случај.






