петок, 1 мај 2026

„За плата се бориме – не се молиме“, првомајски протест на ССМ

Под слоганот „За плата се бориме – не се молиме“ денеска во Скопје се одржа протест во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на кој беа побарарани повисоки плати и подобри услови за работа.

Објавено на

часот

Сподели

Протестот стартуваше од Работничкиот дом на Сојузот на синдикатите на Македонија, продолжи пред републичкото Собранието, до Стопанската комора и заврши пред Владата.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека многу работници денеска и покрај тоа што не се задоволни од нивните плати, се плашат да се придружат на протестите, затоа што сметаат дека протестите се насочени кон некој.

„Денеска за жал 260 илјади работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе излегоа на протест за 1 Мај“, рече Трендафилов.

Тој посочи дека „за жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита“.

„Денеска е 1 Мај, денот кога работниците уште во далечната 1886 година излегле на улица и по цена на своите животи, за да ги заштитат своите работнички права, за да го скратат работниот ден од 12 часа на 8 и за да протесираат“, потсети Трендафилов, повикувајќи да се почитуваат работничките права во државата.

Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука, се осврна на барањата што тие ги имаат.

„Први мај живее и ќе продолжи да живее сѐ додека има работници коишто се на висината на задачата и се борат за своите работнички права, ќе продолжи да живее сѐ додека има синдикати што не се контролирани од центрите на политичка моќ, а на тие што се – нека им служи на чест. Како независен синдикат за образование и наука, стоиме цврстно на нашите барања, а тоа е почитување на колективните договори, почитување на пресметката за плата согласно коефициентот помножен со минимална плата. Бараме во најбрз можен рок да започне почитување на колективните договори и достоинствено вреднување на трудот на вработените во секторот образование. Бараме достоинствена плата и достоинствено вреднување на трудот за вработените во детска заштита“, изјави Гиевски.

Тој рече дека нема да се откажат од борбата.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска не учествуваше на протестот, со образложение дека решенијата треба да се бараат преку дијалог, а не на улица.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ