Наградата „Антево перо“ за 2026 година се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис).
Покрај наградата „Антево перо“, се доделуваат и придружни награди, „Антев златник“ и „Антев часовник“. Комисијата го задржува правото да не ги додели придружните награди.
На конкурсот можат да се јават сите автори кои имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературниот „стаж“ или државата во која живеат. Со оглед на тоа што покрај наградата „Антево перо“, на конкурсот се доделува и наградата „Антев часовник“, комисијата препорачува творците кои се помлади од 25 години, да наведат дека спаѓаат во оваа категорија на автори. Доколку комисијата оцени дека некој од младите автори има збирка која заслужува да ја добие наградата „Антево перо“, возраста воопшто нема да биде елиминаторен услов.
Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата, и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот.
Книгата ќе биде квалитетно претставена и промовирана со посебен осврт од наш истакнат литературен творец во рамките на Mеѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена комисија, во состав: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетски професор, писател и книжевен критичар), д-р Атина Цветаноска, (книжевен истражувач, книжевен критичар и херменевтичар) и Виолета Танчева-Златева, поетеса, раскажувач, есеист, преведувач и лектор. Синовите на Анте Поповски-Жорж и Александар, во својство на основачи на здружението за зачувување на делото на Анте Поповски Антево перо имаат право на вето на одлуката на комисијата, доколку сметаат дека делото кое комисијата сака да го награди е под достоинството на поетското творештво на Анте Поповски, или го навредува јавниот и естетскиот вкус.
Ракописите треба да бидат испратени во електронски формат на [email protected] заклучно со 5 август. Кандидатите можат ракописот да го достават под свое име и презиме, или под шифра. Во вториов случај, авторството го докажуваат со копија од ракописот, по објавувањето на резултатите.
Комисијата својата одлука ќе ја соопшти во втората половина на месец август.






