Од ДУИ обвинуваат дека Вреди, како што наведуваат, „сам ја разоткрил шемата“ поврзана со МЕПСО, посочувајќи дека со нивните изјави дополнително се открива синџир на одлуки што, според партијата, предизвикал штета за државата. Според ДУИ, по заминувањето од МЕПСО, Куштрим Рамадани станал директор во компанија за греење во Чаир, која подоцна преминала во приватна сопственост кај лица блиски до Изет Меџити.
Партијата поставува повеќе прашања за сопственичката структура на компанијата, начинот на нејзино преземање и евентуалната поврзаност со раскинувањето на договорот со Енергоинвест, како и со компанија од Бања Лука која подоцна добила договор со МЕПСО. Од ДУИ велат дека станува збор за прашања што бараат одговори, нагласувајќи дека „кога има јавна штета, има и одговорност“, и повикуваат Обвинителството да го испита целиот процес – од поништувањето на договорот до изборот на нова компанија.
Од друга страна, од Вреди возвраќаат со обвинувања дека токму кадри на ДУИ претходно ја иницирале постапката за раскинување на договорот со Енергоинвест. Тие посочуваат на поранешниот министер за правда Билен Салији, кој како дел од МЕПСО, според нив, учествувал во одлука со која било утврдено дека изведувачот не ги исполнува договорните обврски.
Според Вреди, Управниот одбор на МЕПСО во ноември 2023 година едногласно констатирал дека нема суштински напредок во проектот, по што била започната постапка за раскинување на договорот. Тие тврдат дека реализацијата на проектот била минимална, договорот истечен, а државата со години плаќала камати без конкретни резултати на терен.
Од Вреди ја обвинуваат ДУИ за, како што велат, „дволичност“, бидејќи, според нив, прво го поддржале раскинувањето, а сега го бранат истиот договор. Дополнително, тие обвинуваат дека зад одбраната на договорот стојат интереси поврзани со финансиски придобивки.
Политичката партија Вреди додава дека нивната цел е раскинување на штетни договори и реализација на нови проекти, посочувајќи ја изградбата на електроенергетска врска со Албанија како пример.
Случајот со МЕПСО останува во фокусот на јавноста, додека меѓусебните обвинувања продолжуваат, а институциите сè уште се очекува да дадат конечен одговор за наводите за евентуални неправилности.






