Споменикот е посветен на борците: Мире Андоновски, Косте Митревски, Ванко Цветковски, Софре Јанкуловски, Славе Трајчевски, Божин Вурмовски, Павле Вурмовски, Павле Милалевски, Кране Тасевски, Трајче Трајчевски, Дријо Вурмовски, Петре Војовски, Ѓорѓија Кацелија, Ванко Мишовски, Мито Милевски, Петре Митревски, Милан Кацелиновски, Казија Андоновски, Јонче Веловски и Алекс Михал, кои биле дел од партизанските единици и дале придонес во антифашистичката борба.
По повод на настанот, Васил Митре изјави дека станува збор за значаен чин на оддавање почит кон борците од Туминец и долгочекуван момент за локалната заедница.
Тој нагласи дека со подигнувањето на споменикот се зачувува историското сеќавање и се оддава признание на жртвата и придонесот на македонските херои.
Јордан Јанкула, советник од Македонската алијанса за европска интеграција во Советот на Општина Пустец, ги повика сите Македонци кои имаат можност да присуствуваат на свеченото откривање на споменикот.
„Нашето село Туминец дало значаен придонес во ослободувањето на Македонија од нацизмот и фашизмот. Мојот дедо Совре Јанкула се борел како партизан за слободата на Македонија, додека неговиот зет Јордан го жртвувал својот живот за македонската идеја, минувајќи низ албанските затвори. Со изградбата на овој споменик им оддаваме заслужена почит и се одолжуваме на овие храбри борци за слободата на Македонија“, изјави Јанкула.
Изградбата на споменикот е иницијатива на Македонската алијанса за европска интеграција, како единствена македонска партија во Албанија, а неговата реализација е поддржана од повеќе чинители, меѓу кои премиерот Христијан Мицковски, политичката партија Левица, група Македонци од Прилеп, градоначалникот на Општина Пустец Пали Колефски, како и самата општина.
Иницијативата за изградба на спомен-обележјето беше најавена на 11 мај 2023 година, на изборен собир во Туминец, од страна на претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, кој тогаш истакна дека станува збор за повеќегодишно барање на Македонците од Туминец и дека проектот ќе се реализира во соработка со општината.
На истиот собир се обрати и тогашниот министер за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, кој потенцираше дека во Преспа живее македонска заедница со свој јазик, идентитет, култура и традиција, оценувајќи ја како значајна вредност во мултикултурниот мозаик на земјата.
Туминец се наоѓа во областа Мала Преспа, на брегот на Преспанското Езеро, и претставува второ по големина населено место во Општина Пустец.






