недела, 3 мај 2026

Шведската крајбрежна стража заплени сомнителен танкер: Плови под сириско знаме (ФОТО)

Шведската крајбрежна стража во неделата соопшти дека запленила танкер во Балтичкото Море за кој се верува дека припаѓа на руската „флота во сенка“. Ова е најновата во низата слични акции спроведени од шведските власти во последните месеци, пренесува Ројтерс.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението на крајбрежната стража се вели дека нејзини членови, заедно со полицијата, се качиле на танкерот Џин Хуи, кој плови под сириско знаме. Акцијата беше спроведена во шведските територијални води јужно од Трелеборг, по што беше покрената прелиминарна истрага поради сомневања дека бродот е неспособен за пловидба.

„Се сомневаме дека бродот плови под лажно знаме поради бројни неправилности поврзани со неговиот статус и затоа не ги исполнува условите за пловидба пропишани со меѓународните правила и договори“, се вели во соопштението на крајбрежната стража.

Крајбрежната стража додаде дека бродот, чија дестинација е нејасна и за кој се верува дека не превезувал товар, е на неколку листи со санкции, вклучувајќи ги и оние на Европската Унија и Обединетото Кралство. Сомнежот дека бродот припаѓа на таканаречената руска флота во сенка го потврди и шведскиот министер за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин на социјалната мрежа Икс.

Европските земји ги засилија напорите за сузбивање на таканаречената флота на танкери во сенка, која Москва ја користи за финансирање на својата четиригодишна војна против Украина. Русија ги осуди ваквите потези како непријателски.

Шведска само оваа година запре пет бродови поради сомнение за разни кривични дела, како што се излевање на нафта и пловење под лажно знаме, а против некои членови на екипажот се покренати и кривични постапки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ