„Кон преземените обврски преку реформската агенда пристапивме одговорно и работевме посветено. Така и ќе продолжиме. Резултатот е евидентен и јас сум задоволна од досегашната исполнетост на поставените цели за што сакам да им се заблагодарам на Владата и на институциите со кои партнерски работевме и секако на Европската Унија, која ќе го дополни буџетот на Министерството за образование и наука со 19,2 милиони евра, со кои ќе ги продолжиме образовните реформи“, додаде министерката.
Во областа на човечкиот капитал, како што истакна таа, Министерството за образование и наука успешно ги реализирало трите клучни образовни реформи.
„Над 160 основни училишта опремивме со безжична опрема и современи ИТ-алатки, кои овозможуваат безбеден пристап до интернет. Имплементиравме нова методологија за финансирање на основното образование, почнувајќи од оваа буџетска 2026 година, со што обезбедивме повеќе средства и нивна правична распределба кон училиштата. Третата мерка е исполнета предвреме – усвоен е нов модел на финансирање на средното и стручното образование, исто така применет од почетокот на оваа тековна буџетска година“, се додава во објавата.
Министерката истакнува дека ќе продолжат до целосно исполнување на сите преземени обврски во реформската агенда, а тие подразбираат, како што се вели, инвестиции во поквалитетно и европски ориентирано образование.






