Поштенската марка не е само филателистичка вредност, туку и симбол на пријателството меѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија, беше посочено на промоцијата.
„Двесте и педесетгодишнината од американската независност не е само јубилеј на една голема држава, туку е јубилеј на една голема идеја дека слободата, демократијата и правото на народите на самоопределување се темелите врз кои се гради современиот меѓународен поредок. Од тој дух произлегува и мисијата на претседателот Вилсон, кој го афирмираше правото на малите народи да живеат слободно и да ги создадат своите држави. И Македонија го наоѓа своето место во ова политичко и историско наследство. Нејзиниот пат кон демократска консолидација и евроатлантска интеграција е изграден врз вредностите што Америка ги промовираше во светот: слободата, демократијата, граѓанската еднаквост и почитувањето на државниот суверенитет“, истакна Скендер Асани од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.
Соединетите Американски Држави беа и остануваат еден од најважните стратешки сојузници на нашата држава, рече Асани, додавајќи дека американската поддршка за стабилност, безбедност и евроатлантска интеграција на Северна Македонија била одлучувачка во клучните моменти за нашата држава.
„Денес ја афирмираме нашата државност, определба и повторно потврдуваме дека иднината на Македонија е тесно поврзана со демократскиот свет, со НАТО, со Европската Унија и со Соединетите Американски Држави како наш најсилен стратешки партнер. Нека оваа поштенска марка биде мал симбол по својата форма, но голем по својата порака, сведоштво за трајното пријателство меѓу САД и Македонија и за нашата заедничка визија за мир, слобода и демократија“, рече Асани.






