среда, 1 јули 2026

Трамп пријавил повеќе од 1,4 милијарди долари приходи од криптопроекти

По стапувањето на должност, Трамп почна да спроведува политики и иницијативи што индустријата ги сметаше за поволни, од воведување федерални правила за стабилните криптовалути до намалување на надзорот врз индустријата од страна на американското Министерство за правда и Комисијата за хартии од вредност и берзи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, пријавил повеќе од 1,4 милијарди долари приходи од криптопроектите на неговото семејство во текот на минатата година, што покажува дека сега најголемиот дел од неговите приходи доаѓаат од дигитални средства, кои, според наводите, имале корист од неговите политики, покажува прегледот на неговите најнови финансиски извештаи, објавен во вторникот, пишува агенцијата Ројтерс.

Документот, неговиот годишен извештај за 2025 година поднесен до Канцеларијата за владина етика на САД, открива дека неговите компании добиле речиси 800 милиони долари од „Ворлд либерти фајненшл“, криптопроект што го основал заедно со своите синови. Тој приход, кој претседателот го дели со членовите на семејството, вклучува повеќе од 520 милиони долари од продажба на криптотокени и повеќе од 250 милиони долари од продажба на удел во работењето на „Ворлд либерти“.

Трамп пријавил и дополнителни 635 милиони долари од продажбата на своите токени „Трамп мим коин“.

Овие податоци покажуваат колку криптовалутите го промениле богатството на претседателот. Во минатогодишниот извештај, на пример, Трамп пријавил 57,35 милиони долари од продажба на токени во рамките на „Ворлд либерти“, што во новиот извештај е зголемено речиси деветпати.

Ројтерс неодамна процени дека семејството Трамп заработило најмалку 2,3 милијарди долари од криптопроекти откако Трамп се врати во Белата куќа во 2025 година.

По стапувањето на функцијата, Трамп почна да спроведува политики и иницијативи што криптоиндустријата ги сметаше за поволни, од воведување федерални правила за стабилните криптовалути до намалување на надзорот врз индустријата од страна на американското Министерство за правда и Комисијата за хартии од вредност и берзи.

За 2025 година, американскиот претседател пријавил и повеќе од 80 милиони долари приходи од спогодби со различни медиумски компании и 52 милиони долари од лиценцирање на своето име на странски инвеститори во недвижности, главно преку договори со партнери од Блискиот Исток.

Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, изјави:

„Ниту претседателот ниту неговото семејство никогаш не учествувале – ниту некогаш ќе учествуваат – во судир на интереси. Претседателот Трамп гордо ги направи САД светска престолнина на криптовалутите преку своите извршни мерки.“

Кели додаде:

„Сите постапки на претседателот Трамп и неговата администрација се преземаат во најдобар интерес на американскиот народ, а сите таканаречени ‘новинари’ што тврдат спротивно ја рециклираат истата, веќе истрошена и лажна приказна што демократите и традиционалните медиуми ја туркаат веќе една деценија.“

Иако Белата куќа претходно соопшти дека со деловните интереси на претседателот моментално управуваат неговите деца, Трамп и понатаму останува краен корисник на имотот во фондот што на крајот ги прима приходите.

Иако криптовалутите се убедливо најголемиот извор на приходи на Трамп, неговите традиционални бизниси – особено голф-терените и туристичките одморалишта – и натаму носат стотици милиони долари.

Трамп пријавил 15 отсто раст на приходите од своите голф-клубови и хотели, на повеќе од 500 милиони долари во 2025 година. Најголем раст е забележан во клубовите каде што претседателот поминувал најмногу време по инаугурацијата во 2025 година.

Приходите на неговиот клуб Мар-а-Лаго на Флорида, кој Трамп го нарекува „Зимска Бела куќа“, се зголемиле на 77 милиони долари, од 50 милиони во 2024 година, додека приходите на голф-клубот во близина на Вест Палм Бич пораснале за 27 отсто. Истовремено, приходите на неговиот голф-терен во Лос Анџелес се намалиле.

Во април, Трамп во Мар-а-Лаго ги угости победниците на своето второ годишно натпреварување за „мим коин“ токени.

Приходите од неговите инвестиции во недвижности – областа по која првично стана познат – имале многу поскромен раст. Тој пријавил приходи од 12 значајни комерцијални проекти, главно од објекти што ги изградил или ги стекнал пред повеќе децении.

Во извештајот не се наведени точните приходи од закупнината за објекти како што е Трамповата кула во Њујорк, туку само опсези на приходите. За повеќето од нив, приходите во 2025 година биле исти или пониски отколку пред десет години.

Портпаролот на семејниот бизнис Трамп организација изјави дека „обемот и деталноста на овој извештај дополнително ја потврдуваат нашата посветеност на транспарентноста. Со речиси 1.000 страници, тој претставува еден од најобемните финансиски извештаи некогаш поднесени и покажува ниво на финансиска транспарентност без преседан во претседателската историја“.

Портпаролот на „Ворлд либерти фајненшл“ одбил да даде коментар.

Дон Фокс, поранешен вршител на должноста директор на федералната Канцеларија за етика, изјави дека претседателите и потпретседателите се изземени од законите за етика што им забрануваат судир на интереси на вработените во извршната власт.

„Секој претседател по Вотергејт управуваше со своите финансии како да подлежи на правилата за судир на интереси. Со Трамп, тие норми целосно исчезнаа. Тој подобро од кој било покажува дека е време за дополнителни етички реформи. Мислам дека, во законодавна смисла, едно можно решение е да се ограничат видовите инвестиции што можат да ги поседуваат претседателот и потпретседателот“, изјави Фокс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ