среда, 1 јули 2026

Експлозии пред домовите на членови на Неа демократиа во Солун, петмина повредени

Пет лица, меѓу кои и кандидатката за пратеник на владејачката партија Неа демократиа, се повредени во експлозии на импровизирани експлозивни направи поставени пред домовите на тројца членови на партијата во Солун.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Импровизираните направи, изработени од мали плински боци, биле поставени меѓу четири и пет часот утрово пред домовите на претседателот на Управниот одбор на Неа демократиа во Солун, Зисис Јоакимовиц, поранешниот пратеник на партијата Савас Анастасијадис и кандидатката за пратеник Афродити Нестора.

Во два од трите случаи нема повредени, додека во третиот, најтежок инцидент, пред домот на Афродити Нестора, покрај два целосно изгорени автомобили, се повредени пет лица, меѓу кои и самата кандидатка.

Според грчките медиуми, три жени се хоспитализирани со изгореници, меѓу нив Нестора, нејзината мајка и уште една жена, додека две лица се пренесени во болница поради проблеми со дишењето.

Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, за радиото „Скај“ изјави дека станува збор за „напади со убиствена намера, насочени кон човечки животи“.

Тој додаде дека во експлозијата се повредени кандидатката за пратеник на Неа демократиа Афродити Нестора, нејзините родители и уште две лица, а дека нејзината мајка е во тешка состојба.

Секретарот на Политичкиот комитет на Наа демократиа, Константинос Киранакис, изјави дека членовите и поддржувачите на партијата не се заплашени, но нагласи дека „ова не е вандализам, туку вистински терористички напад врз домовите на функционери на Неа демократиа“.

„Оние што го извршија нападот имале намера да убијат“, рече Киранакис, додавајќи дека веруваат оти грчката полиција наскоро ќе ги открие сторителите.

Според грчкиот весник Катимерини, истрагата ја презело Одделението за борба против тероризмот на грчката полиција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ