среда, 1 јули 2026

Македонија и Србија ја стартуваат кампањата „Вози одморен“ за намалување на сообраќајните несреќи

И ова лето надлежните институции од Македонија и Србија ќе ја спроведат кампањата „Вози одморен“. На граничниот премин Табановце денеска ја промовираа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и потпретседателот на владата и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во присуство на претставници на надлежните институции, македонскиот Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и српската Агенција за безбедност на сообраќајот.

Објавено на

часот

Сподели

 

Кампањата има цел да ги едуцира возачите за планирањето на патувањето, потребата од редовен одмор, почитување на сообраќајните правила и прописи, едукација на возачите за последиците од непочитување на правилата и прописите во сообраќајот, укажување на последиците од управување возило под замор и непочитување пропишана брзина. Надлежните апелираа да се планира патувањето, да се прави пауза на секои два часа, да се пие вода, сите безбедно да стигнат до саканата дестинација.

 

Министерот за внатрешни работи Тошковски рече дека станува збор за заедничка кампања на институциите од двете соседни земји.

Со нивната работа и со работата на медиумите се поткрева визибилноста во делот на она што значи безбедност во сообраќајот, потреба од почитување на правилата, посветено внимание во делот на управување со моторни возила.

„Би ги замолил сите што во летните жешки денови управуваат моторно возило да возат одморени, да прават пауза на секои два часа, да пијат вода во најтоплите периоди, да ја почитуваат брзината која е пропишана во рамките на регулативите во Македонија“, рече Тошковски.

 

Тој рече дека најголем број од сообраќајните несреќи се случуваат или поради преголема брзина или замор посочувајќи дека целта на кампањата е спасување човечки животи.

„Човечкиот живот нема цена, еден живот да спасиме е благодат за сите нас“, рече Тошковски.

Тој додаде дека изминатиот период со макотрпна работа и реформа на границите ГП Табановце е еден од најпозитивните примери како треба да функционира граничен премин. Македонскиот министер за внатрешни работи додаде дека ако во минатото се чекало четири часа, сега се чека половина час, а во најфреквентните денови може да се зголеми до еден час. Инаку, бројот на патници на овој премин е зголемен за 15 проценти.

 

Потпретседателот на владата на Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ нагласи дека дневно просечно на преминот поминуваат од 20 до 30.000 лица. Зборувајќи за кампањата, рече дека во минатото имало задржување, сега е значително намалено посочувајќи дека во Србија двојно е намален и бројот на сообраќајни незгоди со смртни последици и тешки повреди. Нагласувајќи дека најчести причини за сообраќајни несреќи се брзината и заморот, Дачиќ смета дека оваа кампања ќе ја подигне свеста кај патниците.

„Во тој поглед е и оваа кампања. Сметам дека е добра. Станува збор за долги дестинации, потребно е време да се вози одморен со паузи и да се избегнат сообраќајните несреќи“, рече Дачиќ.

Тој потсети дека двете држави посветуваат внимание на овој премин укажувајќи дека во минатото се поминуваше и со пасоши, сега со лични карти. Во овој период, нагласи, сè е забрзано, дури и поминувањата со почитување на контролите.

Претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, и Бранко Стаматовиќ, директор на Агенцијата за безбедност на сообраќајот, укажаа на важноста од планирањето на патувањето. Тие порачаа да се почитуваат правилата и прописите, да не се вози во вечерните часови, сè со цел да се стигне безбедно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ